Концерт на Александра Кировска (гитара) и Мила Николовска Ѓумар (сопран) – Изложба на Давид Атанасоски –

Македонскиот Kултурно-информативен центар во Истанбул на 17 септември 2025 година (среда) ќе биде домаќин на двоен културен настан, кој ќе ја обедини музиката и ликовната уметност.

Програмата ќе започне во 19:00 часот со концерт на Александра Кировска (гитара) и Мила Николовска Ѓумар (сопран). Публиката ќе има можност да ужива во спојот од класични дела и современи композиции – од O. Kopenkov, M. Diego Pujol и E. Diaz, преку вечните романтични арии на G. Giordani и F. Schubert, до современите македонски дела на Давор Јордановски.

Во 20 часот, веднаш по концертот, ќе биде отворена изложбата „Рециклирани пејзажни симболи“ на младиот македонски уметник Давид Атанасоски. Проектот претставува резултат на неговите инвентивни скулпторски и сликарски истражувања, во кои обичниот картон, како основен материјал, се преобразува во минималистички и апстрактни геометриски форми. Со своето творештво Атанасоски отвора прашања за односот меѓу уметноста и општествените процеси, интегрирајќи ги и темите за одговорното управување со ресурсите и еколошките тенденции.

Настанот е дел од активностите и годишната програма на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул, чија цел е промовирање на македонската култура и современо творештво пред пошироката турска публика.