Амнестијата за случувањата во Собранието на 27 април 2017 нема да ги опфати организаторите и подготвувачите на настанот, лицата кои извршиле физичко насилство, лицата со фантомки кои извршиле насилство, кои носеле оружје и експлозивни направи, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.
Од амнестија ќе бидат изземени и лицата кои се обвинети за здружување заради непријателска дејност согласно чл. 324 од КЗ, се согласија вчера членовите на Интерпартиската парламентарна група за реформи, интеграција и помирување.
Собранието вчеравечер по скратена постапка го донесе Законот за амнестија откако претходно вчера Интерпартиската парламентарна група за реформи, интеграција и помирување постигна согласност за тоа што ќе биде опфатено со него. Тој е донесен пред да бидат донесени пресудите за овој случај, а обвинетите имаат рок од пет дена по донесувањето да поднесат индивидуално барање до Судот и јавното обвинителство, кои се надлежни за случајот.
Законот беше донесен со 95 гласа „за“, без против и воздржани. Го поддржаа и двајца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски и Панчо Минов, кои се придружија на листата предлагачи.
По постигнувањето согласност околу законското решение, копретседавачот со Интерпартиската група Фросина Ташевска-Ременски изјави дека се движеле во рамки на тоа што не може да биде опфатено со законот за амнестија.
-Тоа ни беше појдовна основа. Целта на дебатата по овој Пределог-закон не се однесуваше на номинирање конкретни кривични дела, не се водевме персонално кон никого, туку дававме опис на дела – дејствија за кои лицата не можат да бидат амнестирани, рече Ташевска-Ременски за предлогот кој подоцна беше изгласан во Парламентот.
Предлог-законот и одредбата која ги исклучува дејствијата што не влегуваат во амнестијата, рече таа, остануваат на оценка на Јавното обвинителство и судот, бидејќи, како што потенцира, групата се водела од принципот на немешање во работата на Јавното обвинителство и на судот. Судот, рече, ќе донесе решение по претходно мислење на Јавното обвинителство кое ќе го темели врз основа на докази со кои располага.
-Не се обидуваме и не сакаме да вршиме какво било ограничување на правото на обвинителството и судот да ценат врз основа на тоа со какви докази располага за лицата кои ќе поднесат индивидуално барање, рече Ташевска Ременски.
Таа не сакаше да коментира како ќе бидат квалификувани делата на пратениците кои ги отворија вратите од Собранието на 27 април. Тоа, потенцира Ташевска Ременски, ќе го цени Јавното обвинителство и судот.
Пратеничката Емилија Александрова, која исто така е копретседавач со Интерпарламентарната група, изрази уверување дека судот и обвинителството ќе донесат одлука во врска со амнестијата по секое едно индивидуално барање врз основа на доказите што ги имаат за лицето кое го поднело барањето. Таа не можеше да одговори дали пратениците кои се дел од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, а се обвинети за 27 април, ќе поднесат барање за амнестија. Тоа, рече Александрова, е нивно лично право.
Во работата на Интерпартиската парламентарна група за реформи, интеграција и помирување не учествуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.