soobrakaj Skopje
Фото: Маја Јаневска Илиева/ илустрација

Во врска со пожарот во магацинот за електронски отпад „Ф-групација“ во Трубарево, Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Институтот за јавно здравје, Кризниот штаб на Владата и Државниот инспекторат за животна средина, ја информира јавноста дека се преземени итни мерки за заштита на здравјето на граѓаните поради пожарот што настана во магацинот за електронски отпад во Трубарево.

– Согласно препораките од Државниот инспекторат за животна средина, се преземаат следните активности: До Институтот за јавно здравје е доставено барање за извршување на анализа на вода од бунари што ги користат домаќинствата во непосредна близина на опожарениот магацин; Министерството за животна средина и просторно планирање издаде забрана за пристап и движење на локацијата на пожарот; Во наредните 7 дена, акредитирана лабораторија ќе врши 24/7 мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух; До Основното општинско училиште „Крум Тошев“ во Трубарево е испратена препорака за ограничување на движењето на учениците на отворен простор сè до стабилизирање на состојбата. Апелираме до граѓаните внимателно да ги следат официјалните соопштенија и да ги почитуваат насоките од надлежните институции со цел заштита на сопственото здравје и здравјето на нивните најблиски – стои во соопштението на МЖСПП.