Помеѓу 2016 и 2025 година, имаше 25 напади и закани насочени кон избрани функционери, политички кандидати, судии и државни службеници мотивирани од партиски убедувања, според Центарот за стратешки и меѓународни студии. За споредба, во претходните две децении имаше пријавено само два вакви инцидента
Истражување на Центарот за стратешки и меѓународни студии за еден негативен тренд во американското општество
Смртта на конзервативниот активист Чарли Кирк означува драматична ескалација на растечкото политичко насилство низ Соединетите Американски Држави во последните години. Пукањето при негово обраќање на универзитетот „Јута Вели“, во кое тој беше усмртен, се случи неколку месеци откако вооружен човек влезе во домовите на двајца демократски претставници од сојузната држава Минесота и нивните сопружници, убивајќи еден пар и ранувајќи друг.
Динамичен пораст на политичко насилство
Помеѓу 2016 и 2025 година, имаше 25 напади и закани насочени кон избрани функционери, политички кандидати, судии и државни службеници мотивирани од партиски убедувања, според Центарот за стратешки и меѓународни студии. За споредба, во претходните две децении имаше пријавено само два вакви инцидента. Личната безбедност, исто така, стана клучна загриженост меѓу избраните функционери.
Во јули 2024 година, претседателот Доналд Трамп се соочи со обид за атентат за време на еден од неговите предизборни митинзи. Само два месеца подоцна, тој беше цел на втор обид за атентат. Човекот обвинет за тој обид е на судење во Флорида неделава. Неодамна, Трамп ја прекина заштитата на Тајната служба на поранешната потпретседателка Камала Харис откако поранешниот претседател Џо Бајден тивко го продолжи нејзиното обезбедување. Овој потег предизвика загриженост за безбедноста кај персоналот на Харис додека таа се подготвува да се појави пред толпите на нејзината претстојна турнеја за објавување на книгата.
На 18 декември 2024 година, десничарскиот инфлуенсер Ник Фуентес тврдеше дека маж вооружен со пиштол, самострел и запаливи направи се појавил во неговиот дом во Бервин, во сојузната држава Илиноис, додека тој емитувал видеопренос во живо. Се покажа дека натрапникот бил осомничен за тројно убиство. Тој бил застрелан и убиен од полицијата по кратка потера по средбата со Фуентес.
Треба да зборуваме со морална јасност, рече гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, демократ чиј дом беше нападнат и запален во април.
– Нападот врз Чарли Кирк е ужасен и ова растечко бесмислено насилство не може да се толерира во нашето општество – нагласи Шапиро.
Запаливата политичка реторика носи повеќе насилство од сите страни на политичкиот спектар
Политичарите од сите ориентации го осудија убиството на Чарли Кирк – најновиот во низата насилни напади врз политичките лидери. Но ако сегашниот тренд продолжи, нивното единство наскоро ќе биде заборавено, пишува американскиот аналитичар Мајк Вендлинг за „Би-би-си“. Веќе на социјалните медиуми, и покрај моменталниот недостиг од детали за убиството и напаѓачот, има гневно обвинување и повици за одмазда, дури и со некои невкусни прослави на смртта на Кирк.
– Шемите по ваквите настани се познати. Закоравените поддржувачи ги обвинуваат своите противници, додека ја отфрлаат идејата дека нивната страна би можела да биде одговорна за други насилни акти. А теориите на заговор рутински се измислуваат за да се објаснат ваквите шокантни испади или масовни пукања. И покрај постојаните повици за ублажување на политичката реторика по ваквите настани, политичките лидери вклучително и самиот претседател, никогаш не пропуштиле повторно да го зголемат притисокот. Соединетите Американски Држави не се, како што велат некои од помрачните прогнозери, на работ на масовно политичко насилство или граѓанска војна. Но, исто така, нема кохезивен напор од страна на повеќето Американци, кои го отфрлаат политичкото насилство целосно да се откажат од маргиналните екстремисти, без оглед на нивната политичка позиција. Ако овој модел продолжи, наредните денови нема да бидат исполнети со тивко размислување или сериозна дискусија за тоа како да се одржи мирот – туку со лути зборови, повици за одмазда и, на крајот, уште повеќе насилство – заклучува Вендинг во неговиот коментар.