Европскиот парламент за време на денешното заседание во Стразбур го одби барањето на европратеникот Чарли Вајмерс од десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), европратениците со минута молк да му изрази почит на Чарли Кирк.
Пред денешниот термин за гласање, Вајмерс побара Европарламентот да го осуди атентатот врз Кирк и да му изрази почит.
– Убиството на политичкиот активист Чарли Кирк, сопруг, грижлив татко и патриот, го шокираше светот. Мораме силно да го осудиме политичкото насилство и реториката што поттикнува насилството. Ве молам, станете со мене во знак на почит и за молитва во негова чест. Остатокот од моето време го посветувам на едноминутниот молк – изјави Вајмерс.
Меѓутоа, тој беше прекинат од потпретседателката на ЕП, Катарина Барли, кој во тој момент претседаваше со седницата, посочувајќи дека претседателката на Парламентот, Роберта Мецола веќе одбила предлог денешното заседание да започне со минута молк за Кирк.
Ваквата изјава на Барли наиде на негодување на пратениците од редовите на десничарските и екстремно десничарските групи, кои со дланките удираа по пратеничките клупи и викаа.
– Веќе разговаравме за ова и знаете дека претседателката рече „не“ на едноминутен молк – истакна Барли како одговор на реакцијата на европратениците, за што доби аплауз од претставниците на центристичките и левичарските групи.
За време на денешната редовна прес-конференција во Европската комисија, главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо во одговор на новинарско прашање за ставот на ЕУ за атентатот врз Чарли Кирк, кусо изјави дека Европската Унија ги осудува сите форми на насилство и се надева на изведување на сторители пред лицето на правдата.
– Она што можам да кажам и во име на претседателката Урсула фон дер Лајен, е дека Европската Унија ги осудува сите форми на насилство и им изразуваме искрено сочувство на семејствата на жртвите од овој трагичен инцидент. Се надеваме дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата – рече Пињо.