Фото: ЕПА

Словенецот Лука Дончиќ засега е прв стрелец на ЕП со вкупно 162 коша на пет меча или 32,4 во просек по меч

КОШАРКА – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА МАЖИ, ОСМИНАФИНАЛЕ

Елиминациите на Србија, Италија и на Франција во осминафиналето ја одбележаа осминафиналната фаза на 42. Европско првенство (ЕП) 2025 во кошарка за мажи, кое се одржува во Финска, Полска, Летонија и во Кипар. Словенија се пласираше во четврт-финалето на ЕП, совладувајќи ја Италија (две европски злата) со 84-77, благодарение на блескавиот настап на Лука Дончиќ. НБА-ѕвездата уфрли 42 поени и речиси сам ја предводеше својата селекција. Италија доцна се закани да возврати. Симоне Фонтекио со 22 и Салиу Нианг со 12 ја намалија разликата на само еден кош (78-77), на помалку од две минути до крајот, но Дончиќ со четири слободни фрлања, сепак ја испрати Италија дома. Дончиќ засега е и прв стрелец на ЕП со вкупно 162 коша на пет меча или 32,4 во просек по меч. Селекторот на Италија, Џанмарко Поцеко, поднесе оставка.
– Ова беше мојот последен меч за Италија. Тоа е моја одлука, за која и порано ја известив нашата федерација и никаков резултат нема да ме натера да се премислам – рече Поцеко.
Грузија, која шест пати настапила досега на ЕП, предводена од српскиот селектор Александар Џикиќ, донесе уште едно големо изненадување на ЕП, победувајќи со 80-70 над Франција (едно злато и актуелен вицепрвак), и се најде во четврт-финалето. Торнике Шенгелија и Камар Болдвин беа најефикасни со по 24 коша, а Силвен Франциско со 14 и Гершон Јабуселе со 12 поени кај поразените.
Финска направи историско шокантно изненадување, елиминирајќи ја Србија со 92–86, во неизвесен меч. Србија (две сребра) ѝ дозволи 20 офанзивни скока на Финска, која, пак, постигна 23 коша против централната линија на Србите на чело со Никола Јокиќ. Лаури Марканен го предводеше својот состав со 29 коша и 10 скока, а Јокиќ со 33 коша и осум скока беше најефикасен кај Србите. Сите натпревари се играа во Рига (Летонија). Како што е познато, Италија, четирикратниот и актуелен првак од последното ЕП, уште во групната фаза беше елиминирана и на ова ЕП го зазеде разочарувачкото 11-то место. Г.И.


Осминафинални, резултати

Турција – Шведска 85-79
Германија – Португалија 85-58
Литванија – Летонија 88-79
Србија – Финска 86-92
Полска – БиХ 80-72
Франција – Грузија 70-80
Италија – Словенија 77-84
Грција – Израел 84-79

Четвртфинални двојки
Турција – Полска, денеска 16 ч.
Литванија – Грција, денеска 20 ч.
Финска – Грузија, утре 16 ч.
Германија – Словенија, утре 20 ч.