Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Кочани бил во фабриката „Макпрогрес“ но, како што информира Државното јавно обвинителство, увидот се уште не е почнат бидејќи пожарот не е во целост изгаснат и се уште траат активностите за обезбедување на локацијата.
– Во меѓувреме, јавниот обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот – информираат од Јавното обвинителство.
Пожарот во фабриката за кондиторски производи и вафли избувна вчеравечер околу 18 часот при што беа опожарени магацински и производствени погони. Покрај пожарникарите од Виница, во гаснењето беа вклучени и пожарникари од неколку соседни општини.
Повредени се 18 лица, од кои 13 се хоспитализирани. Сите се во стабилан здравствена состојба. На осум лица, вработени во фабриката, им била укажана лекарска помош во Клиниката за токсикологија во Скопје. Четворица од пожарникарите кои учествуваа во гаснењето на пожарот, биле примени во Општата болница во Кочани, а една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип.
Од Стопанската комора на Македонија, каде компанијата „Макпрогрес“ е членка, најавија формирање кризен штаб со сопственикот на фабриката со цел целосно нормализирање на состојбата.
– Екипа на Стопанската комора е присутна на самото место од моментот на избувнување на пожарот и заедно со сопствениците ќе формира кризен штаб. Комората презема активности за целосно нормализирање на состојбите – информираа од Стопанската комора.
„Макпрогрес“ е домашна компанија основана пред 35 години и е една од водечките производители на кондиторски производи во земјава. Компанијата, според информациите на нејзината веб страница, 75 проценти од производството го извезува.