Фото: Музеј-галеријата во Кавадарци

По повод одбележувањето на денот на ослободувањето на Кавадарци 7 Септември и манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ синоќа во музеј-галеријата во Кавадарци беше отворена изложба на современиот македонски ликовен уметник Мирослав Масин.
На изложбата во Кавадарци Мирослав Масин се претстави со 14 големи платна, кои всушност се 14 големи врати кон различни универзуми на неговите птици. Птиците на Масин не се реалистични суштства туку негови визии во боја и емоционални облици, еден новосоздаден свет во кој тие стануваат човечки души. Масин е автор кој не трпи клишеа и строг континуитет во неговите дела туку слика со концепт на внатрешни емоции и ни покажува не само уметнички поглед туку и внатрешен лет. Неговиот свет е лет што никогаш не завршува , лет што не потсетува дека уметноста е единствениот простор каде може вистински да се биде слободен.
За Трајче Цветков, историчар на уметноста во музеј-галеријата Мирослав Масин е еден од највпечатливите современи македонски сликари кој со својата употреба на архетипи и метафори внесе нова димензија и одигра важна улога во редефинирањето на македонската ликовна сцена во деведесетите години на минатиот век. М.М.