Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ја разгледа и ја проследи на натамошно читање предлог-декларацијата за фер, слободни и демократски избори.
Предлог-декларацијата ја поднесе претседателот на Собранието, Африм Гаши и координаторите на сите пратенички групи.
Во предлог-декларацијата, меѓудругото, се посочува дека во пресрет на изборите што ќе се одржат на 19-ти октомври, Собранието го изразува своето натпартиско единство за одржување на фер, слободни и демократски избори.
Се посочува дека Собранието се залага за доследно почитување на уставното право, граѓанинот да го оствари своето избирачко право непосредно, на слободни избори со тајно гласање, а најостро го осудува семејното и групното гласање, како можност за манипулирање со гласовите на граѓаните и влијание врз изборните резултати.
На денешната седница Комисијата го разгледа и го проследи на натамошно читање Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво за 2024 година.
Во него Советот, покрај констатираните податоци од оваа област, препорачува да се пристапи кон измена на Законот за локалната самоуправа, со цел правно регулирање на надлежноста и основи за одговорност на Градоначалникот и Советот на општината за формирање и овозможување ефективно функционирање на општинскиот совет за превенција на детско престапништво, а градоначалниците и советите на општините/Градот Скопје согласно Законот за правда за децата да ја исполнат законската обврска за формирање на општински совети за превенција на детско престапништво, изработка на Годишна програма за работа, доставување Извештај за својата работа до Државниот совет и обезбедување потребни услови за формирање и непречено функционирање на општинските совети за превенција на детско престапништво, поддршка на локалната самоуправа за непречено функционирање и остварување на планираните ативности на новоформираните
локални совети.
Се бара и сите надлежни институции вклучени во системот на правда за децата, да ги спроведуваат мерките и насоките предвидени во Акцискиот план (2025-2027) за спроведување на Националната стратегија за превенција и правда на децата (2022-2027).
Државниот совет препорачува и воспоставување, зајакнување и унапредување на системот за ефикасно прибирање и обработка на податоците согласно индикаторите на ДС, во сите институции вклучени во системот на правда за децата.
Членовите на оваа комисија на натамошно читање го проследија и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, кој е во второ читање.
Со овој Предлог на закон се предвидува можност за примена на новите технологи (систем за детектирање преку технички средства и уреди за снимање) кои можат да бидат добра алатка за брзо и ефикасно детектирање на сообраќајните прекршоци и спроведување на процесот на санкционирање на истите.
Со него се предвидува можност за изрекување на негативните поени заедно со глобата покрај можноста за изрекување на негативни поени како замена за изречена глоба. – Од искуствата на другите европски држави во областа на сообраќајот негативните поени во најголем број случаи се изрекуваат заедно со изречената глоба, па поради тоа се придвидува ваквата можност која дополнително ќе биде разработена во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и во некои други области доколку е потребно, велат предлагачите.
Се регулираат и висините на глобите за физичките лица како сторители на прекршоци во областа на безбедноста на сообраќајот, бидејќи, од досегашната пракса и примена на Законот, а особено поради зголемениот број на сообраќајни прекршоци со потешки последици, констатирано било дека сегашните глоби не се соодветни за ваков вид прекршоци, поради што се дава можност тие да бидат повисоки (трикратен износ од износот предвиден за прекшроците од полесен вид).
Исто така, со предложените измени и дополнувања, се менува членот 28 кој се однесува на санкцијата „престанок на важење на возачка дозвола“.
– Со оглед на тоа што овој член од Законот во моменов е неприменлив во еден дел (негативни поени), а во останатиот дел беше нецелосно уреден, со предложените одредби целосно се уредува. Имено, оваа санкција е предвидена и во случаи на кумулирање на повеќе од две санкции „забрана на управување со моторно возило“. Во овој член од Предлогот на законот се предвидени и роковите за изречената забрана, како и начинот на кој ќе се врши доставата на известувањата и одлуките на судот помеѓу сторителот на прекршокот, Министерството за внатрешени работи и судовите пред кои ќе се води постапката – се вели во образложението на предлог законот.
Како што меѓудругото, предвидуваат измените и дополнувањата, Судот ќе изрече прекршочна санкција престанок на важење на возачка дозвола за сторен сообраќаен прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција забрана за управување на моторно возило, доколку возачот во последните четири години има најмалку две правосилни прекршочни санкции – забрана за управување со моторно возило од истата категорија, сметано од денот на правосилноста на одлуката за првата прекршочна санкција. Сторителот на кој му е изречена прекршочна санкција престанок на важење на возачка дозвола од определена категорија не може да отпочне со постапка за полагање на возачки испит за истата категорија, пред истекот на 12 месеци од денот на престанокот на важењето на возачката дозвола.