Кина денеска го отфрли барањето на Соединетите Американски Држави да се приклучи на трилатерални преговори за нуклеарно разоружување со Русија, оценувајќи ја иницијативата како „неразумна и нереална“.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, изјави дека нивото на нуклеарно вооружување на Кина не е споредливо со она на САД и Русија, што ги прави ваквите преговори неприфатливи.
– Стратешкото безбедносно опкружување и нуклеарната политика на Кина се целосно различни од оние на САД и Русија – додаде тој.
Гуо нагласи дека Пекинг „нема да учествува во трка за вооружување со ниту една земја“ и дека државите со најголеми нуклеарни арсенали треба да ја преземат одговорноста за нуклеарното разоружување.
Изјавата следува откако американскиот претседател Доналд Трамп, за време на средбата со јужнокорејскиот претседател Ли Џае Мјунг, рече дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за контрола на нуклеарното вооружување и изрази желба во процесот да се вклучи и Кина.
Трамп потенцираше дека „денуклеаризацијата е многу важна“ и дека мора да се спречи ширењето на нуклеарното оружје, истакнувајќи дека „моќта на нуклеарното вооружување станува преголема“.
Минатиот месец, министрите за надворешни работи на Малезија изјавија дека Кина ќе го потпише договорот за забрана на нуклеарно оружје во Југоисточна Азија штом документацијата биде подготвена.