Михаил Ренџов

Денеска се навршуваат 89 години од раѓањето на македонскиот поет Михаил Ренџов

„Во името на библиското во оваа земја, во името на страдањата, негирањата, ништењето и игнорирањето, нашиот народ, научен да опстојува во секакви услови, ќе се одржи и ќе си ја сочува државата. Ако постои Господ, нека ги подотвори очите и за Македонија. Мачилиштата низ историјата ќе нѐ натераат, во името на жртвите – да опстоиме“, има кажано големиот македонски поет Михаил Ренџов во интервјуто објавено на 13 јануари 2021 година во порталот „Сутерен“, во одговор на прашањето дали „ѝ се заканува на Македонија ограничен рок на траење“. Денес се навршуваат 89 години од раѓањето на овој поет, како што се нарекувал самиот – „верник на надежта“, кој имал бескрајна верба во надежта дека Македонија ќе опстои, како што и опстоила во сите многубројни векови, минувајќи низ толкуте многу небиднини и премрежиња.

„Неограничениот рок на траење“ на Македонија

Претскажувајќи ѝ на Македонија „неограничен рок на траење“, Ренџов ја потврдува својата животна и поетска филозофија, со длабоки корени во упоритоста на македонскиот народ да не дозволи да го разнесат силните ветришта низ распаќата и беспаќата на историјата. Овој ден е уште една пригода за навраќање кон личноста и поетското творештво на Ренџов, за потсетување со „знаците покрај патот“, кои ги оставаше тој низ децениите на своето македонско битисување.
Михаил Ренџов е роден на 25 август 1936 година во Штип. Беше член на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН-центар. Неговите 26 исклучителни поетски книги се создавани во интервал поголем од половина век. Самите наслови на тие негови книги ги одразуваат суштинските белези на неговата македонска индивидуална поетика: „Иселеник на огнот“ (1965), „Ноќно растење на зборот“ (1967), „Каде од оваа страна“ (1968), „На работ од сонот“ (1969), „Збор и бол“ (1972), „Страв“ (1976), „Полноќ“ (1979), „Нерези“ (1982), „Аутодафе“ (1985), „Феникс“ (1987), „Земја. Потоп“ (1991), „Шпил 33“ (1994), „Амфора“ (1995), „Вечната бесконечната“ (1996), „Јас. оксиморон“ (1998), „Псалми“ (2000/2005), „Врвот, реката, морето“ (2003), „Галичица“ (2007), „Ракопис – душопис“ (2011), „Издишки“ (2013), „Окарина“ (2015) и „Јас. Елегии“ (2017), „Зраци“ (2023)…
Во поетскиот опус на Ренџов се вбројуваат и трите вдахновени поеми: „Тој“ (лирска поема, 1993), „Апокалипса“ (драмска поема, 2002), „Предвесница“ (2009), две книги поезија за деца „Сонување патување“ (1991), „Ангела сонува“ (1998), „Раскази за Захариј“ (2004). Сите дела на Ренџов од критиката се препознаени како дела со оригинални и високи творечки дострели, па затоа се овенчани со дваесетина престижни награди, од кои некои М. Ренџов ги добива и повеќекратно. Двоен добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“: во 1982 година за стихозбирката „Нерези“ и во 2017 година за стихозбирката „Јас, елегии“.

Ренџов како поет на македонските премрежиња низ историјата

Во една пригода Гане Тодоровски ќе каже за Ренџов дека во поезијата го искажува „немирот на својот внатрешен свет“. Но поезијата на Ренџов е и поезија на неспокојот. Неговите песни и поеми се своевидни „поетски огледала“, од кои се одразува растревоженото пеење и мислење за сечовечките, но пред сѐ за македонските премрежиња.
Љубовта кон сопствената земја е присутна во целокупното творештво на овој бележит поетски растајнувач на судбината на Македонија и македонскиот народ. Во својата научна статија „Поетиките на Ацо Шопов и Михаил Ренџов“, објавена во „Современост“ во 2003 година, д-р Виолета Мартиновска, професорка од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ од Скопје, укажува дека патриотизмот е стожерната крепост на поезијата на Ренџов.
– Без исклучок, во сите негови посланија има стихови, кои се посветени на сопствената земја, на сопствените корени. Со поетскиот возглас Ренџов како да се „плаши“ од обезличување кога се работи за неговата љубена и света, божествена и чудесна татковина – вели Мартиновска.

„Да си ја сакаш земјата − божевно е“

Таа појаснува дека дел од овој долгогодишен восхит кон татковината, авторот го искажува особено во своето поетско послание „Врвот, реката, морето“.
– Насловот асоцира на обединувањето на Македонија со сите нејзини (три) делови. Поетовиот восхит е неизмерен: „Да си ја сакаш земјата / И над земјата светлината − Божевно е“, напишал Ренџов во своите „Псалми“ – посочува професорката Виолета Мартиновска.
Во неговите стихови се споменуваат и надежта и апокалипсата. Запрашан во споменатото интервју во „Сутерен“ каде се Македонија и Македонците меѓу надежта и апокалипсата, Ренџов самоуверено одговара: „Македонија ќе опстои, зашто тоа е и божји долг – по сите дележи, конечно да дојде и благодет. Постои надежта дека и нашиот човек ќе ја почувствува убавината на сопствената татковина, ќе ја крене главата, ќе издише слободно и ќе го оствари сето она, што низ вековите му било забрането. Јас сум верник во надежта!“
Михаил Ренџов почина на 8 октомври 2024 година.

Свето Тоевски