Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа ја принуди Европа да се запраша дали купувањето американско оружје навистина купува влијание или поволен третман
Додека Европа се подготвува за децениско купување оружје за обнова и опремување на армиите, како и за намалување на јазот во однос на американската воена моќ, нејзините избори за трошење ќе ја обликуваат индустриската база на континентот во годините што доаѓаат.
Во јуни, земјите од НАТО се согласија да трошат 3,5 отсто од нивниот бруто-домашен производ (БДП) за одбрана со цел да ги исполнат барањата за воена способност наведени во одбранбените планови на Алијансата.
За 23-те членки на ЕУ во НАТО, тоа значи огромен годишен пораст од речиси 270 милијарди евра, според пресметките од аналитичкиот центар „Бругел“. Се очекува овие средства во голема мера да се влеат во одбранбената индустрија и за регрутирање војници.
Централно прашање сега е дали европските земји ќе инвестираат во развој на нивната домашна одбранбена индустрија или ќе продолжат во голема мера да се потпираат на опрема произведена во САД.
Обврските за трошење на НАТО се едноставни цели, оставајќи го секој сојузник релативно слободен да одлучи какво оружје ќе купи и од кого.
Европските сојузници се делат по спектар, од оние што силно се потпираат на американско оружје до оние што инсистираат на купување европско, при што секој од двата избора нуди и краткорочни решенија и долгорочни стратешки облози.
Опции во спектарот
Системите произведени во САД имаат јасна привлечност. Луксузните опции како што се борбениот авион „Ф-35“ или батериите за воздушна одбрана „патриот“ имаат високи цени, но можат да им помогнат на владите брзо да ја достигнат целта за трошење на НАТО.
За недоволно финансираните војски, купувањата по високи цени веќе долго време се најбрз начин за да се покаже напредок по години на занемарување.
Системот „патриот“ е пример за таквата практика. Една батерија чини околу една милијарда долари, а секоја ракета пресретнувач доаѓа со цена од околу четири милиони долари.
Во август, мала група европски земји се согласија да купат повеќе системи „патриот“, дополнително зголемувајќи ги своите буџети за одбрана и потпирајќи се на опрема произведена во САД. Европската алтернатива на „патриот“, француско-италијанската батерија САМП/Т и ракетите „астер 30“, е околу една третина поевтина.
Франција и Шпанија, особено, тврдат дека градењето робусна европска одбранбена индустрија е суштински безбедносен приоритет. За таа цел, Франција долго време избегнуваше купување оружје произведено во САД, секогаш кога тоа беше можно.
Двете земји се здружија со Германија во амбициозниот и скап проект за борбени авиони од следната генерација – Иден борбен воздушен систем (ФЦАС), што е европска алтернатива на странските опции, особено оние произведени во САД.
На другиот крај од спектарот, Полска ги виде своите приоритети за национална безбедност насочени кон брзо стекнување воена опрема во големи количества, без оглед на изворот.
Варшава, јасниот шампион во трошењето за одбрана во Европа, го дуплираше својот воен буџет за само пет години, ангажираше десетици илјади дополнителни војници и ја модернизираше својата флота од авиони ловци „Ф-16“, а исто така купи и нови авиони „Ф-35“ од петтата генерација.
Полските вооружени сили, исто така, се снабдија со ракетни лансери, повеќе од 100 нови хеликоптери, десетици тешки тенкови и уште многу друго оружје. Земјата даде приоритет на брзината во договорите за воена опрема, што е клучна мотивација за засилениот однос на Варшава со јужнокорејските производители на оружје.
Полска е повнимателна во однос на скапите европски одбранбени проекти, додека одржува длабоки врски со голем број американски изведувачи на одбрана.
Ефекти од потпирањето врз САД?
Повеќето европски сили на НАТО со години купуваат американска опрема, претпоставувајќи дека тоа ќе им гарантира подобар однос со Вашингтон, доминантната сила на воениот сојуз.
Но враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа претходно годинава и неподготвеноста на неговата администрација да им вети на Европејците недвосмислена поддршка во случај на војна, ги принудија владите да се запрашаат дали купувањето американска опрема навистина купува влијание или поволен третман.
Критичарите предупредуваат дека купувањето дополнителна опрема произведена во САД не помага доволно за да се реши зависноста на Европа од американската технологија или за да се поттикне растот на европската одбранбена индустрија.
Целта за трошење на НАТО, исто така, не содржи стимулации за купување оружје произведено во Европа, за изградба на локален индустриски капацитет.
Наместо тоа, целта базирана на БДП може да го награди расипувањето на најскапата опрема или огромни количества бескорисна опрема за да се покаже дека се трошат пари, или да ги фаворизира извозниците што можат да испорачаат најбрзо, често од САД или Јужна Кореја, додека многу европски производствени линии се соочуваат со доцнење и заостанување, особено во производството на ракети и муниција.
Трката за трошење веќе ги зголеми цените на глобалниот пазар на оружје, каде што трошоците се зголемија по избивање на војната во Украина во 2022 година. Цената на артилериските гранати од 155 милиметри по стандарди на НАТО се зголеми за четири пати, од околу две илјади евра пред војната на околу осум илјади евра неодамна.
Сепак, фокусирањето само на буџетските бројки ризикува да се даде приоритет на оптиката пред ефикасноста и пред реалниот капацитет за водење војна. Тоа беше критика што ја искажа шпанскиот премиер Педро Санчез кога ги отфрли новите цели на НАТО базирани на БДП, тврдејќи дека Шпанија може да ги испорача потребните воени капацитети, а да троши значително помалку.
Но земјите од НАТО се согласија за обврската на самитот во Хаг во јуни и ќе ги поминат следните години обидувајќи се да ги исполнат очекувањата. Алијансата го оценува напредокот во годишните ажурирања, зголемувајќи го притисокот за исполнување на своите ветувања. Н.М.