фото: З.А.

Втор пат од неговото постоење КУД „Бисер“ Кичево зеде учество на Меѓународниот фолклорен фестивал во прочуеното зимувалиште Закопане, Полска. Во изминатите денови играорците од Кичево беа доста активни, најпрво зедоа учество на традиционалното дефиле и отворање на фестивалот. Во текот на денот посетија и еден црковен храм во овој град. Завчера беше и првиот настап на кичевските играорци, кои со громогласни аплаузи беа наградени за беспрекорната изведба на орскиот сплет „Водици“.

– Откако пристигнавме во Полска и бевме дел од традиционалното дефиле , завчера го имавме првиот настап а го изведовме орскиот сплет „Водици“ во траење од 30 минути, колку што наложува програмата. Водителите со одбрани зборови ги наградија играорците од Кичево, за кои истакнаа дека Македонија треба да биде горда. Во текот на фестивалот на сцената продефилираа вкупно 20 играорни групи од повеќе земји од светот, поделени во три категории.

Вчера имавме настап пред жири комисија за оркестри, пеачки групи и соло инструменталисти. Така што до завршување на фестивалот имавме настапи во натпреварувачки и во ревијален дел. Во завршните настапи ги изведовме нашите најафирмирани ора „Копачија“, Ѓурѓовден“ и „Пиринско“. Играорците се претставија и во категорија на изворен, обработен и слободен фолклор, со што беше заокружено учеството на фестивалот во Закопане,Полска-истакна претседателот на КУД„ Бисер“ Кичево Младен Ванчоски, презадоволен од позитивните критики што беа наменети за играорците од кичевското друштво.