Фото: Маја Јаневска - Илиева / Илустрација

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, постапувајќи по претходно добиени оперативни сознанија, расчистила случај во врска со кривичното дело – „измама во службата“ при што против лицето Д.А. (51) вработен како раководител на сектор во општината Шуто Оризари до ОЈО Скопје поднела кривична пријава по член 355 став 3 од КЗ на РСМ.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, осомничениот кон крајот на 2023 година како раководител на сектор во Општина Шуто Оризари со лажни налози прибавил противправна имотна корист од буџетската сметка на општината во вредност од 3.600.000 денари.

– Според сознанија од истрагата, осомничениот при крајот на 2023 година како раководител на сектор во општина Шуто Оризари со цел да прибави противправна имотна корист – од буџетската сметка на општината, по основ на одржување на училишни објекти, во пет наврати изготвил лажни налози за исплата на парични средства злоупотребувајќи печат на општината, како и скратен потпис на актуелен градоначалник на истата. Притоа откако ги пуштил паричните средства од тресорска сметка парите биле префрлени по основ на три налози кон правно лице од Скопје, а дополнително осомничениот формирал уште едно правно лице во кое тој бил сопственик каде што исто така пуштил уште два парични налози. На тој начин осомничениот Д.А. го оштетил буџетот на општина Шуто Оризари за 3.600.000 денари – посочуваат од МВР.