фото: Струшки вечери на поезија

Добивањето на Златниот венец е од огромно значење за афирмацијата на словачката поетска реч во денешниот турбулентен свет. Словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база, иако мали јзици прават големи и значајни дела и потребно е светот да ги види, оцени и вреднува уште повеќе. Токму ваквите признанија и преводот на три јазици избрана поезија покрај македонската и меѓународната публика ќе има можност да ужива во убавиот пишан збор, истакна на денешната прес-конференција добитникот на највисокото фестивалско признание на Струшките вечери на поезијата, словачкиот поет, раскажувач, есеист и преведувач Иван Штрпка.

Тој изрази задоволство што фестивалот го избра токму него за годинашен добитник на најпрестижното признание во интернационални рамки.

– Вие сте држава што знае да ги почитува добрите вредности и задоволство ми е што сум денес присутен меѓу вас. Многу сум среќен што успеавме за краток период да изработиме едно извонредно издание од мојот вкупен поетски опус. Изборот на песни го направив лично. Благодарен што покрај македонската, со преводот на англиски јазик и меѓународната публика ќе има можност да ужива во убавиот пишан збор – рече Штрпка.

Изданието, кое според него, е со голем обем, го направил лично и, нагласи, испраќа една естетска порака во поширокиот свет на културните случувања.

– Изборот во книгата го сфаќам како знак на лична почит, но и воопшто на словачката модерна поезија. Добивањето на наградата е од огромно значење и за афирмацијата на словачката поетска реч во денешниот турбулентен свет.  Во културната смисла на зборот и во поглед на преминот на границите словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база. Во словенскиот свет обично зборуваат и за словачкиот и за македонскиот јазик како за мали јазици, но ова е една битна потврда дека бројот на зборувачи не е преголем, но нашите „мали јазици“ прават и вакви значајни дела и потребно е светот да ги види, да ги оцени и да ги вреднува уште повеќе. Ние имаме потреба да докажуваме дека впрочем во никаква смисла не сме мали – нагласи Штрпка.

Тој претходно во Паркот на поезијата засади дрвце, до кое стои табла испишана со неговото име, до останатите поетски бардови.

– Поетското гледање на денешниот свет е речиси неминовно, бидејќи искрено доаѓа од душата. Бев почестен и со садењето дрвце во Паркот на поезијата, каде ги видов дрвјата и на други светски реномирани поетски бардови. Некој од нив ги познавав и лично, беа и мои пријатели. Сфатив дека сум во едно незаменливо друштво. Пресреќен сум што ме удостоивте да се најдам во таков круг на светски поетски имиња. Изразувам надеж дека во блиска иднина од паркот ќе прерасне една голема шума и никој никогаш нема да се осмели да ја пресече таквата благородна шума – додаде Штрпка.

Во Словачка, подвлече, многу добро знаат оти Охрид е лулката на словенството и дека оттука доаѓаат светите браќа Кирил и Методиј и ја носат азбуката во Велика Моравија.

– Благодарни сме што имаме подадена рака и во денешно време од вас. Испраќаме порака дека подадената рака на заедништво испраќа и една порака во поголемиот свет од нас. Но, не мора светот да биде поголем и по дух. Нашиот дух, духот на словенството што потекнува од овие простори е овоплотен и во словачката душа. Јас тоа го признавам и сум почестен што ме преведовте на вашиот македонски јазик – рече лауреатот на 64-те Струшки вечери на поезијата.

Струга, рече директорот на Фестивалот Никола Кукунеш, по 64-ти пат ги отвора своите врати за поезијата.

– Годинашниот лауреат е поет кој успеал во својот живот да ги вкуси сите страни на битисувањето, кога станува збор за поетското творештво. Бил и човек, кој е ценет, но и поет, кој ја почуствувал репресијата на системот – рече Кукунеш.

Уметничкиот директор Мите Стефоски нагласи дека годинава наградуваат словенска литература, која преку изборот на поезија во тројазичното издание на лауреатот, ќе овозможи поширока рецепција во македонската книжевност.

– Наградуваме една словенска литертура, која и досега имала големи претставници. Дојде денот кога треба да наградиме еден голем и значаен поет, претставник на една извонредна генерација поети, член на групата „Осамени бегачи“. Со изданието ќе овозможиме поширока рецепција во македонската книжевност, но и во светската. Веруваме дека покрај оваа награда ќе следуваат и други интернационални награди. Творештвото на Штрпка со сигурност заслужува таков однос – нагласи Стефоски.

Во пресрет на годинашното издание, утрово директорите на Фестивалот и лауреатот положија цвеќе пред Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга.

Свеченото отворање на Фестивалот ќе се одржи вечер со палење на фестивалскиот оган и читање на антологиската Т`га за југ на Константин Миладинов во Домот на поезијата.

Фестивалот ќе го отвори претседателката Гордана Силјаноска Давкова, под чие покровителство се одржуваат 64-тите Струшки вечери на поезијата.

Настанот ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Меридијани“, на кое ќе настапат поети од различни меридијани и култури, пренесувајќи ја својата поетска мисла во градот на мостовите.

Настанот ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Меридијани“, на кое ќе настапат поети од различни меридијани и култури, пренесувајќи ја својата поетска мисла во градот на мостовите.

Од денеска, па сè до 25 август, на 64-тото издание на оваа престижна меѓународна поетска манифестација ќе учествуваат 70 поети од различни делови на светот, кои, во духот на традицијата, преку низа поетски читања ќе изградат мостови на разбирање, емпатија и креативен дијалог. Фокусот на годинашното издание е глаголицата, а фестивалската сценографија ја оживеа неа и ѝ даде нова димензија, преку современо визуелно обликување.