Фото: Пиксабеј

Германската авиокомпанија „Луфтханза“ одлучи да ги одржува летовите помеѓу Франкфурт и Скопје во текот на целата зимска сезона, иако со значително намален распоред, објави порталот „Екс ју авијација“.

Авиокомпанијата во мај годинава одлучи да ги суспендира летовите од 1 февруари до 28 март 2026 година, за време на зимскиот распоред 2025/26, кој трае од 26 октомври до 28 март. Сепак, според објавата, оваа недела „Луфтханза“ ги ревидирала своите планови и закажала три неделни лета помеѓу двата града, кои ќе се реализираат во понеделник, петок и недела, во текот на февруари и март, што е намалување во споредба со десетте неделни летови во тие месеци оваа година.

– На линијата ќе лета авион Ербас А319. Според тековниот распоред на Луфтханза, авиокомпанијата планира да извршува десет неделни летови во ноември и декември, по што ќе следат седум неделни ротации во јануари. Јануарскиот распоред нема да вклучува дневна услуга, туку ќе вклучува два лета во одредени денови од неделата – се наведува во објавата.

„Луфтханза“, како корисник на субвенции од македонската Влада ја опслужува линијата Скопје-Франкфурт од април 2023 година, кога превезе 73 456 патници, а во 2024 година 105 653.

Министерството за транспорт на почетокот на месецов најави пет нови авиолинии од Скопскиот аеродорм. Со „Визер“ од ноември од Скопје ќе се лета до Мадрид и Стокхолм, а од декември до Прага, Бари и Келн. Се воведува и претходно најавената линија до Ларнака, Кипар.

Во првата половина од годинава од Скопскиот и Охридскиот аеродром вкупно се превезени 1,5 милион патници што е зголемување за 5 проценти, односно 11 проценти.