Неколку древни сведоштва за Пеонија

Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

Кандаон кандиса да светне со кандилото врз Канда

Пеонци, Пајонци, Пајони, Паони – пак тие! Кандаон им бил бог на војната. Кандаон е синоним за Орион, во некои извори и за Херакле. Пеонците, кои живееле на овие простори, имаат монети со еден од дванаесетте подвизи на Херакле, оној со немејскиот лав. Ги има како стрелци со криви лакови, силни војници на страната на Троја во „Илијадата“. Биле со Александар до Индија како негова лесна коњаница, генералот Аристон се покажал како ѕвер во битката кај Гавгамела, брутално сечејќи глави. Аристотел и други древни умови пишуваат за некој огромен бик, бизон во реонот на Пајонија. Дропион, еден од последните управувачи на ретко спомнуваното племе, испраќа подарок до Пророштвото од Делфи, во чест на дедо му Аудолеон (кој мистериозно поместил тек на река за да го скрие богатството пред да умре, навидум чудно наведена како Саргентиос) – скулптура, глава од бизон…

Пеонци, Пелагонци, Титани

Некои ги претставуваат Пеонците како колонисти од Фригијците (Бригите), додека други ги опишуваат како самостојни основачи. Кажано е дека Пеонија се протегала далеку до Пелагонија и Пиеријам, дека Пелагонија порано била нарекувана Орестија, дека Астеропај, еден од водачите на пеонската експедиција во Троја не беше нарекуван Син на Пелагон без доброоснована причина и дека Пеонците се нарекувале Пелагонци. Поради големината на овие карактери од минатото, Титаните исто така биле нарекувани Пелагонци…

Античкиот локалитет Бела Зора, престолнина на независните Пајонци, една од последните палати на античкото македонско кралство / Фото: Никола Ристевски и SB Research Group

Од Географијата на Страбо

Обилните дождови и златото на Пеонија

Повеќе антички автори го имаат нагласувано огромното природно богатство на Пеонија. Информациите за благородните метали звучат неверојатно за денешната точка на перцепција. Во старите книги читаме дека кога во Пеонија паѓале обилни дождови, на мократа земја често се пронаоѓале огромни количества злато, кое само излегувало на површината. Некои од парчињата биле тешки од една до неколку мини. Плутарх и Квинт Куртиј Руф пишуваат за наградувањето на пеонските јунаци од владетелите со златни чаши. За богатството на Пеонската кралска куќа говори и податокот за позлатување и посребрување на роговите од огромните пеонски бикови, кои потоа биле користени како чаши. Со децении по наездите од север и промените во управувањето на овие територии, Пеонската кралска куќа сѐ им уште дарувала богати подароци на древните светилишта.

Аргонаутите, ламјата и руното

Во древните митови низ целиот свет постојат преданија за некакви воени, свети, далечни походи и пливања во далечни краишта. Така една поема го опишува пливањето на хероите со коработ Арго, Аргонаутите. Водачот на походот бил заповедан од царот да го донесе златното руно, некакваси кожа од волшебен овен – што било чувано на сигурно во далечната земја. За да го земе руното, капетанот на Арго требал да подготви далечно и опасно патување кон бреговите на Темното Море. По пат требало да поминат преку порта од две огромни карпи што лебделе на црната вода на мало растојание една од друга и се соединувале кога што било се приближувало кон нив. Наутите на Арго искористиле гулаб, кога го пуштиле преку карпите му останала само опашката, преживеал – карпите се отвориле, а Аргонаутите со оштетениот кораб преминале. По многу митски, за нас чудни доживувања – стигнале во крајната земја. Руното било во гората, висело на дрво чувано од огромна ламја. Една вешта вештерка им помогнала на дојдените од долна земја, замесила тиганици, толку вкусни што ламјата се прејала јадејќи ги наеднаш. Капетанот на Арго го зел руното од дрвото и заедно со месаријата се вратил на коработ. Стигнале безбедно назад до реката Саргентиос.

Аристотел за ѕверот од Пеонија

Овој бизон можел да се најде на планината Месапиум, а Пеонците го нарекувале „monapos“. Помасивен од бикот, на грб собирал по седум луѓе во седечка позиција. На главата повлакнест од коњите, со кафеаво-жолти влакна над очите; телото му било пола црвено, пола пепелаво-сиво, а роговите навртени навнатре, црни по боја, биле мали и не му користеле за самоодбрана. Поради косата, која му допирала до очите, погледот му бил концентриран на далечина и овозможувал добра прегледност, нозете му биле влакнести, а опашката мала, слична на таа на бик, непропорционална со големината на телото.
Историја на животните,
Аристотел

Реката Саргентиј и богатството на Пеонија

Поради раздорот во огромната македонска империја, пајонскиот владетел Аудолеон пред смртта се потрудил да го скрие богатството на овој древен народ. Тој им се доверил на неколку од најблиските пријатели, кои искористиле заробеници за да ја поместат реката Саргентиос и да ги закопаат скапоценостите, книгите, технологијата и највредните нешта од ризниците во коритото на самата река. Потоа пајонските војници ја вратиле реката во нејзиниот тек и ги убиле заробениците. Познато е дека пред крунисувањето, пајонските владетели биле ритуално капени во водите на Саргентиос…

Од книгата „Имагинариум – Имагинариумот на Доктор Сонѕе“

продолжува

М-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)