Од Пелагониската Рамнина до Овче Поле и кочанските оризови полиња, огромни јата штркови се вивнуваат кон небото, водени од некоја невидлива рака, на патешествие долго илјадници километри. Нивната крајна дестинација се топлите предели на супсахарска Африка, каде што ќе ја поминат зимата, далеку од студените ветрови на Балканот
Според народните верувања, штрковите започнуваат да се собираат за пат околу големиот христијански празник Преображение, а нивното патување најчесто започнува кон средината на август. Од Пелагониската Рамнина до Овче Поле и кочанските оризови полиња, огромни јата штркови се вивнуваат кон небото, водени од некоја невидлива рака, на патешествие долго илјадници километри. Нивната крајна дестинација се топлите предели на супсахарска Африка, каде што ќе ја поминат зимата, далеку од студените ветрови на Балканот.
Оваа годишна преселба, длабоко вкоренета во ритамот на природата, е повеќе од само биолошки инстинкт. Таа е симбол на промената, на еден животен циклус што завршува за да може повторно да започне. За многумина во Македонија, доаѓањето на штрковите напролет е вистинскиот весник на будењето, предвесник на плодноста и новиот живот. Нивното заминување, пак, го најавува доаѓањето на есента и зимата, период на мирување и исчекување.
Нивниот пат воопшто не е лесен. Младите штркови, кои ова лето за првпат ги раширија своите крилја, ќе се соочат со голем број предизвици – од предатори и недостиг од храна до опасностите што ги носи современиот свет, како што се електричните водови и уништувањето на природните живеалишта. Сепак, нивниот нагон за опстанок е посилен, а вековната мудрост впишана во нивните гени ги води преку континенти и мориња.
Во македонскиот фолклор, штркот зазема посебно место. Тој е симбол на среќа, верност и семејна поврзаност. Легендата за Силјан Штркот, која говори за младичот проколнат да се претвори во штрк и да талка по светот пред да се врати во својата татковина, е длабока метафора за печалбарството и вечната носталгија за домот, но и архетипска приказна поврзана со колективното несвесно. Како Силјан и нашите штркови секоја година го напуштаат својот дом, со надеж дека напролет повторно ќе се вратат на истите оџаци и гнезда, за да го продолжат архетипскиот и митски циклус, кој им дава надеж на луѓето.

Никола Ристевски