Повеќе години пишував и пишувам за македонското високо образование, за состојбите и потребите за квалитет на високото образование. Така и ги напишав двете мои книги „Состојбите и потребите за квалитет на високото образование во Република Македонија“, едната објавена во 2015 година и вториот дел од мојата книга под ист наслов објавен во 2018/2019 година. Пишувајќи ги книгите, дадов мои согледувања за потребите за обезбедување квалитет на високото образование и науката во Република Македонија и потребата од нов закон за високо образование (ЗВО) („Сл. весник на РМ“ бр. 35/2008… 130/14, 10/2015… 127/2016). Има многу причини врз кои се фундирани моите ставови, но сметам дека клучна причина е тоа што истиот закон имаше претрпено повеќе од 14 измени и дополнувања, во него имаше недефинирани состојби и потреба од конкретизирање, менување, преиспитување, каде што имаше нормативно-правна регулираност во законот, а практично нефункционирање, како и доста практични нелогичности во законот.
Ќе истакнам некои суштествени потребни промени што се неминовна потреба на Законот за високо образование („Сл. весник на РМ“ бр. 35/2008… 130/14, 10/2015… 127/2016), и тoa:
• Конкретно да се дефинира што значи автономија на универзитетот и академска слобода, што значи партиципација на студентите во управувањето и одлучувањето, со посебен осврт на наставата, наставно-истражувачката работа, творењето и слично.
• Во делот на обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, нормативно-правно законски постои Одбор за акредитација и евалуација на високото образование. Во практиката функционира само Одборот за акредитација, но не функционира евалуацијата, која е заемно тело. Нелогичност! Тоа значи дека во новиот закон треба да се одвојат како посебни тела – независни одбори за акредитација и евалуација. Нефункционирањето на евалуацијата значи немање процена, вреднување, односно нормативно во согласност со Законот оценување на квалитетот на високото образование, што е еден од главните сегменти, каде ни оди високото образование и во кој правец. А стремеж е да се оди кон современо, квалитетно високо образование на Балканот, во Европа и во светот.
• Евалуацијата не треба да се спроведува под притисок и одмаздољубиви причини, затоа што во надворешната евалуација учествуваат евалуатори од други држави и со тоа тие ќе влијаат врз креирање на мислењето надвор од границите на нашата држава. Евалуацијата треба да биде превентивна, да укаже, да даде правилна насока и со тоа да се придонесе за подобрување на состојбите.
• Во Законот за високо образование („Сл. весник на Република Македонија“ бр. 35/2008… 130/14, 10/2015… 127/2016), националниот совет за високо образование во Република Македонија, кој е предвиден – не се формира и не профункционира. Овој национален совет требаше да биде стручно и независно советодавно тело на Владата на Република Македонија. Неминовна беше потребата ако сака Република Македонија да се вклучи во чекор со современите тенденции во развој на научноистражувачката дејност и информатичко-технолошките процеси, што поскоро да се формира и профункционира, за политиките на науката и развојот на севкупната научноистражувачка дејност и технолошки развој во Република Македонија.
Кои се обврската и значењето на националниот совет за високо образование и научноистражувачката дејност
Значењето на националниот совет за високо образование и научноистражувачката дејност ја имаше обврската за редовна контрола на исполнување или неисполнување на условите за акредитација на сите студиски програми како на јавните така и на приватните високообразовни установи, како и преиспитување на решенијата за акредитација во случај на нивно неисполнување (такви примери има во практиката).
Во согласност со Законот за високо образование (ЗВО), нормативно-правно беше предвидено да се формира национален совет, кој требаше да биде составен од 17 члена, и тоа од: министерот надлежен за работите од областа на високото образование, претседателот на МАНУ, преставник од ректорската конференција, шест члена именувани од Владата на Република Македонија, по еден преставник од шестте научни подрачја од редот на наставно-научниот и истражувачкиот кадар од Интеруниверзитетската конференција, како и двајца преставници од деловната заедница, кои мора да бидат доктори на науки, со минимум еден степен образование завршен на првите 500 рангирани универзитети, во согласност со Шангајската листа, односно првите 200 најдобро рангирани универзитети од соодветното научно подрачје, односно првите 100 најдобро рангирани универзитети по МБА-програма, во согласност со шангајскиот универзитет „Џио Тонг“, „САД њуз енд ворлд рипорт“ и Тајмс хајер едукејшн (додаток) – Светска ранг-листа на универзитети, како и минимум пет години работно искуство и одлично познавање на англиски јазик.
Надлежноста на тој национален совет би била давање насоки на Владата на националната програма за високо образование и научноистражувачката дејност, научно истражување, управување со научната политика, воведување прописи од областа на научноистражувачката дејност, приоритетни области и програми за научно истражување и технолошки развој, најзначајни програми и проекти за развој на Република Македонија, изведување внатрешна и надворешна евалуација на научноистражувачката дејност, реализирање меѓународна соработка и слично. Неговиот легитимитет ќе мора да се потврди со негово зачленување во Европскиот регистер за оценка на квалитетот во високото образование, што го основа групата E4 (European Qvality Assuarence Register for Higher Education – EQAR).
Донесување и функционирање на националната програма за научноистражувачка дејност на Република Македонија е од приоритетно значење од причина што има меѓународна димензија поврзана со стопанството, развој на високото образование и размена на искуства со другите високообразовни установи низ светот, во насока на исполнување на препораките од болоњскиот процес.
Националната програма е основа за насочување и утврдување на обемот на средствата од буџетот на Република Македонија за вршење научноистражувачка дејност… Таков национален совет во практиката не профункционира, а законски формалноправно постоеше!
Во вториот дел од мојата книга за состојбите и потребите за квалитет на високото образование во Република Македонија во 2018 година, отворено проговорив и пишував дека е неминовна потребата од нов закон за високо образование. За донесениот нов закон за високо образование („Сл. весник на РМ“ бр. 82/2018) на 8.5.2018 година, од страна на Министерството за образование и наука (истиот тој е во законска сила), констатацијата и практиката покажуваат дека не е развоен и не ги запазува европските нормативи и стандарди и има потреба за негово преиспитување.
Имено, со новиот закон за високо образование („Сл. весник на РМ“ бр. 82/2018) на 8.5.2018 година се согледаа многу забелешки од страна на практичарите, а исто така и од страна на стручната и академската фела, и тоа во некои членови во тој закон. Па така, во членот 161 став 1 и став 4, стои: Лице избрано во научно звање може да врши високообразовна дејност на студии од втор и трет циклус. Ова во практиката ѝ создава проблем на високообразовната установа каде што има повеќе лица избрани во научни звања и истите тие не можат да бидат ангажирани во реализација на наставата од прв циклус на студии. Што е законска нелогичност! Потоа, во членот 166 од ЗВО, во делот на услови за избор во наставно-научни звања, критериумите за избор се намалени под европските стандарди и потреби за наставно-научно звање и негово унапредување, а во точка 1 од членот 166 во Законот е предвидено лицето да има остварено просечен успех од најмалку осум на студии од прв и втор циклус.
Кај регулираните професии со остварени 300 кредити од прв циклус кандидатите имаат право на упис на докторски студии. Иако немаат завршено втор циклус на студии, а имаат диплома за докторски науки. Овие лица не го исполнуваат условот за избор во звање во согласност со одредбите на законот. Членот 172 е во колизија со членот 176 од законот, каде што не е јасно кој го распишува конкурсот за избор во звање, дали наставно-научниот совет (ННС) или деканот. Треба да се примени толкување (би требало за првпат, односно за избор во доцент да биде ННС, а потоа по службена должност деканот на факултетот).
Ако во претходниот ЗВО („Сл. весник на РМ“ бр. 35/2008… 130/14, 10/2015.. 127/2016) имаше предвремен избор во наставно-научно звање, во новиот ЗВО („Сл. весник на РМ“ бр. 82/2018) нема таква одредба во делот на предвремен избор во наставно-научно звање, за наставници што се истакнуваат, се докажуваат со наставно-научни и меѓународни трудови во списанија со импакт фактор, што ги става во нерамноправна положба со оној наставен и научен кадар што ги чека само роковите (пет години, а не напишал ниту еден труд) по законот да бидат унапредени во повисоко наставно-научно звање. Исто така, во актуелниот ЗВО е исфрлена одредбата да се имаат предвид мислењето и позитивната оценка на студентот од самоевалуацијата за избор во наставно-научно звање во доцент, вонреден професор, редовен професор. Мислење што ќе биде од пресудно значење за избор. Самиот овој факт, што се исфрлени (отстранети) студентите да го дадат своето мислење при изборот во наставно-научно звање на професорот, прави според овој закон студентот да биде само нем посматрач (објект), а не субјект (во делот на правата и обврските на студентот), каде што има право на изјаснување за квалитетот на наставата и наставниците, што се коси со членот 27 став 1 точка 3 од ЗВО.
продолжува
Ѓорѓи Илиевски
Авторот е виш просветен инспектор во пензија