Фото: ОФМ

Стана нормално Македонија да биде дел од најдобрите репрезентации во Европа. За настапот на ЕП, прво да ја видиме групата, па потоа ќе зборуваме за резултатите, изјави капитенот Ѓоргиев. Македонија ќе настапи на 34-то ЕП во 2026 година, во Финска, Италија, Романија и во Бугарија, и тоа ќе биде четврти настап во низа на континенталните првенства

ОДБОЈКА – МАКЕДОНИЈА СЕ ПЛАСИРА НА ЕП 2026

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија, предводена од искусниот стратег Јошко Миленкоски, четврти пат во низа ќе биде дел од едно европско првенство (ЕП), овој пат 34-то издание, во 2026 година, во Финска, Италија, Романија и во Бугарија. Тоа е епилогот по одиграните квалификации, откако во четвртиот и последен натпревар од групата Ф, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, Македонија ја совлада Грузија со 3-0 во сетови (25-13, 25-16, 25-17). Тоа беше и еден од условите, покрај подобрата поен-разлика, Македонија да биде меѓу најдобрите пет второпласирани репрезентации во групите, кои обезбедија пласман на ЕП 2026, покрај првопласираните од седумте групи.
– Мислам дека ова е голем ден за македонската одбојка. Натпреварот не беше тежок резултатски, но беше психолошки, бидејќи ни требаше победа со 3-0. Освоениот сет против Грција во првиот дел од квалификациите беше можеби клучен за овој успех, како и големиот број освоени поени во Атина. Затоа голема заслуга за овој пласман има и претходниот стручен штаб. Во нашата селекција имаме возрасни одбојкари, што не ме плаши, бидејќи со возраста доаѓа и зрелоста, како и квалитетот. За нас годините не се важни, овие момци може уште да играат на високо ниво. Во Европската златна лига им дадовме шанса на помладите одбојкари, кои стекнаа големо искуство играјќи со најдобрите во Европа – рече Миленкоски.
Црвено-жолтите со сигурна игра во сите три сета дојдоа до посакуваната победа над Грузија, предводени од капитенот Никола Ѓоргиев со 17 поени, Филип Савовски со девет, Владо Милев и Филип Маџунков со по осум реализации…

– Сакам да им честитам на сите инволвирани за овој успех, на Федерацијата, одбојкарите, стручниот штаб… Стана нормално Македонија да биде дел од најдобрите репрезентации во Европа. Денеска Македонија е прегорда. Ова е историски ден за македонската одбојка и ќе го славам до крајот на мојот живот. Имаме надеж и за во иднина. Особено сакам да му се заблагодарам на министерот за спорт Борко Ристовски, кој ни овозможи прекрасни услови. Сѐ што посакавме нѝ беше дозволено, а ние се оддолжуваме за тоа со ваквите резултати. За настапот на ЕП, прво да ја видиме групата, па потоа ќе зборуваме за резултатите – изјави Ѓоргиев.
Македонија претходно настапи на ЕП 2019 (се играше во Франција, Словенија, Белгија и во Холандија), каде што го освои 17-то место. Следуваше настап на ЕП 2021 (во Полска, Чешка, Естонија и во Финска), со освоена 23-та позиција, а на ЕП 2023 (во Македонија, Италија, Бугарија и во Израел) Македонија првпат се пласира во осминафиналето и беше 16-та.
Титулата на ЕП 2026 ќе ја брани репрезентацијата на Полска, која во финалето на континенталниот шампионат во 2023 година ја победи Италија со 3-0, а бронзата ѝ припадна на Словенија, која славеше на дуелот со Франција, со 3-2. Г.И.


На ЕП 2026 ќе играат актуелните светски, европски и олимписки прваци

На Европското првенство (ЕП) во одбојка в година четврти пат ќе настапат 24 репрезентации, и тоа Бугарија, Финска, Италија и Романија како домаќини на шампионатот, Полска, Словенија, Франција, Холандија, Србија, Украина, Германија и Португалија според пласманот на претходното ЕП, во 2023 година, Данска, Белгија, Чешка, Естонија, Швајцарија, Грција и Словачка како победници на квалификациските групи и Летонија, Турција, Израел, Шведска и Македонија како најдобри меѓу второпласираните селекции во квалификациите.
Од овие 24 репрезентации, шест се досегашни европски прваци, Романија, Франција, Италија, Холандија, Србија и Полска, четири се некогашни вицешампиони, Бугарија, Словенија, Германија и Шведска… Од актуелните освојувачи на златни медали на големите натпреварувања, на ЕП в година ќе играат светскиот шампион од 2022 година, Италија, европскиот првак од 2023 година, Полска, како и олимпискиот шампион од лани, Франција.
На ЕП 2026 ќе настапат 17 селекции што, како и Македонија, четврти пат во низа ќе настапат на европските првенства, и тоа Белгија, Бугарија, Чешка, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Италија, Холандија, Полска, Португалија, Србија, Словенија, Турција и Украина. Во овој период од 2019 година од овие репрезентации златните медали на ЕП ги освоија Србија, Италија и Полска (Италија има и едно второ место на ЕП и една светска титула, Полска две трети места на ЕП), Словенија двапати беше во финалето и еднаш трета на ЕП, Франција двапати олимписки шампион… Н.М.


Министерството за спорт ги награди одбојкарите со три милиони денари

Министерството за спорт додели премија од три милиони денари за машката одбојкарска репрезентација на Македонија што обезбеди пласман на Европското првенство во 2026 година. Со убедлива победа против Грузија (3-0), најдобрите македонски одбојкари во неделата во Скопје го заверија настапот на Евроволеј 2026 и го потврдија континуитетот на успеси. За нашата репрезентација ова ќе биде четврто европско првенство по ред, по настапите на континенталните собири во 2019, 2021 и 2023 година.
– Ви благодариме за сѐ што правите за Македонија. Министерството за спорт секогаш ќе ги поддржува успешните федерации и успешните приказни во спортот. Го прифативме предлогот на претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски, и за овој пласман репрезентацијата ќе добие премија во висина од три милиони денари – рече министерот Борко Ристовски, честитајќи им ја победата на одбојкарите. Г.И.


ДОСЕГАШНИ НАСТАПИ НА МАКЕДОНИЈА НА ЕП

ГОД. ПЛАСМАН
2019 17
2021 23
2023 16
2026 ?

ГРУПА Ф
Македонија – Грузија 3-0
ТАБЕЛА
Грција 4 4 0 12-1 12
Македонија 4 2 2 7-6 6
Грузија 4 0 4 0-12 0