Фото: Официјален фејсбук профил на Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ќе биде во Берлин за лично да учествува на видеоконференцискиот консултативен состанок за претстојната средба во Алјаска меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, јави ДПА.

Зеленски се очекува во германската престолнина да пристигне околу пладне, дознава ДПА од владини извори, а канцеларот Фридрих Мерц ќе го прими во својот работен кабинет.

Видеоконференциските врски со европските лидери беа иницирани токму од Мерц, со цел да се воспостави заедничка позиција со Трамп пред неговата средба со Путин, во петок, во Енкориџ, јави германската агенција.

Планот е европските сојузници со Зеленски да разговараат во 14 часот. Заедно со Мерц, на состанокот ќе учествуваат лидерите на Франција, Велика Британија, Италија, Полска и Финска, како и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.

Околу еден час подоцна, ќе се одржи втора дискусија со Трамп и потпретседателот на САД Џ.Д. Венс.

Европските влади стравуваат дека разговорите со висок ризик меѓу Трамп и Путин би можеле да доведат до територијални отстапки кон Русија, што Киев цврсто ги отфрли.

Трамп го најави состанокот во Алјаска како обид да се придвижат работите  кон завршување на војната, која сега е во нејзината четврта година, пренесува ДПА.