Фото: ЕПА

На средбата со Јута на гости, Канзас сити ја забележа осмата победа по ред и седма без примен гол. Тимот на Андоновски, кој по 15 кола сега води со 12 бода предност, досега сезонава постигна најмногу голови и прими најмалку погодоци

ФУДБАЛ – ПРВЕНСТВО НА САД

Со новата победа без примен гол, Канзас сити карент на македонскиот стручњак Влатко Андоновски ја зголеми предноста на табелата во првенството на САД за фудбалерки. Канзас сити во 15. коло го победи тимот на Јута ројалс со 1-0, на гости, и сега има 39 бода, по 12 повеќе од актуелниот шампион Орландо и од Вашингтон, кои ремизираа во ова коло.
За тимот на Андоновски тоа беше осма последователна првенствена победа (еден триумф помалку од рекордот на лигата на САД, кој, исто така, го држи Канзас сити, а беше поставен со победи на крајот на минатата и на почетокот на сезонава) и седми триумф во годинашниот шампионат без примен погодок (најмногу во лигата сезонава).
Покрај тоа што има најмногу бодови, Канзас сити е и најефикасен во лигата со 32 гола (најблискиот конкурент постигна 26 погодока) и ја има најдобрата одбрана, откако мрежата на тимот на Андоновски се затресе 10 пати (двапати помалку од следниот тим на таа листа).
Темва Чавинга беше стрелец на победничкиот гол на средбата со Јута и тоа беше нејзиниот 10-ти погодок во регуларниот дел од сезоната годинава и 30-ти во регуларната сезона во кариерата.
Не само што таа е првата фудбалерка во историјата на Канзас сити карент што ја достигнала таа граница од голови туку е и убедливо најбрзата фудбалерка во историјата на првенството на САД за фудбалерки што постигнала 30 погодока, откако тоа го стори во само 40 настапи во регуларната сезона во кариерата, 11 натпревари побрзо од претходната носителка на овој рекорд (Кристен Прес, 51 натпревар), пишува Канзас сити карент на својата интернет-страница.
Викендов тимот на Андоновски се враќа на домашниот стадион, за својот прв натпревар на свој терен во регуларниот дел од сезоната по речиси два месеца. Тогаш Канзас сити, во рамките на 16-то коло, треба да се сретне со Орландо.
Во лигата на САД настапуваат 14 тима, а по 26. коло најдобрите осум екипи ќе играат во плејофот. Н.М.