Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го објави јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за ранливи потрошувачи во 2025 година.
Огласот, како што соопшти Министерството, е објавен согласно Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година, објавена во Службен весник бр. 154/25, со која Минситерството обезбеди вкупно 42.3 милиони денари финансиска поддршка.
Право на поддршка имаат домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и глуво лице, корисници на посебен надоместок заради попреченост со навршени 26 години возраст, а без оглед на старосната возраст, согласно член 44 од Законот за социјалната заштита, чиј вкупен нето доход кој подлежи на оданочување на месечно ниво согласно Законот за данокот на личен доход на членовите на домаќинството во 2024 година не го надминувал износот од: 24.500,00 денари за едночлено домаќинство, 42.000, 00 денари за домаќинство со два члена, 60.000, 00 денари за домаќинство со три члена и 80.000,00 денари за домаќинство со четири и повеќе члена, не сметајќи го посебниот надоместок согласно Законот за социјалната заштита.
При пресметка на вкупниот доход на домаќинството кој подлежи на оданочување на месечно ниво согласно со законот за данок на личен доход, надоместокот заради попреченост, не се засметува при пресметката на вкупниот нето доход на домаќинството. За ранлив потрошувач од точка 1 од овој јавен оглас не се смета лице кое што го користи правото на цивилна или воена инвалиднина.
Лицата со категориите од точка 1 од овој оглас се стекнуваат со финансиска поддршка преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 1000,00 денари месечно, сметано од денот на поднесување на барањето, во времетраење од 12 месеци.
-Вкупно ќе се распределат: 2. 300. 000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее лице/лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, 19. 000. 000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее лице/лица со најтешка телесна попреченост, 9.000.000,00 денари од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее потполно слепо лице и 12. 000. 000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее потполно глуво лице – стои во соопштението.
Од Министерството додаваат дека не следува поддршка за лица со цивилна или воена инвалиднина или сместени подолго од 30 дена во институции.
Рокот за аплицирање по јавниот оглас изнесува 30 дена од денот на објавување на јавниот оглас.
Барањето се поднесува со пополнет образец кој е достапен во архивата на Министерството или на www.energy.gov.mk, каде се наведени и сите останати документи кои се задолжителни да се достават со барањето. За тоа кои документи се задолжителни за секоја група на баратели погледнете на https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/izvestuvanja-file-3m6z.pdf
Документите се достапни во архивата на Министерството или може да се обезбедат преку интернет страната на министерството: www.energy.gov.mk .
Во соопштението се додава дека комисиите составени од по три члена ќе ги разгледуваат барањата, ќе вршат проверка преку надлежните институции и ќе предложат решенија до министерот. Поддршката започнува од месецот по објавата на списокот на корисници и се пресметува на месечната сметка за струја.
Неплатени две последователни сметки доведуваат до укинување на решението за поддршка.