Кисела вода
Во населбата 11 Октомври Згради во општината Кисела Вода е отворена новата градинка „Верверичка“, како дел од ЈДГ „Весели цветови“. Градинката е изградена во финансиско партнерство помеѓу Општина Кисела Вода и Комерцијална банка, која со донација од шест милиони денари значајно придонесе за реализација на овој проект, вреден над 14 милиони денари. Новата градинка се простира на површина од 525 м², располага со 6 занимални, 4 воспитни групи и јасли и овозможува згрижување на 125 деца.
Од општината велат дека инвестицијата директно ја решава проблематиката со недостиг од места во градинките.
– Со отворањето на денешниот објект, изградбата на уште две градинки што се во тек, претходно отворените две градинки и петте градинки што беа доградени, во моментот во Кисела Вода за прием чекаат само дваесетина дечиња. За потсетување, на почетокот на мандатот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, наследената листа на чекање имаше 450 деца – потенцираат од Општина Кисела Вода.
– Градинката „Верверичка“ претставува уште еден важен чекор во исполнувањето на нашата заложба за секое дете да обезбедиме достапно, квалитетно и безбедно предучилишно образование. Ова е третата новоотворена градинка во изминативе четири години откако ја водам Општина Кисела Вода, а истовремено градиме уште две, во населбите Расадник и Потстаница. Дополнително извршивме доградба и во пет други градинки. Овие инвестиции имаат конкретна и мерлива цел – целосно затворање на наследената листа на чекање за прием на деца во градинките, која, на почетокот на мојот мандат, имаше 450 деца во двете градинки на наша територија. Денешното отворање на „Верверичка“ значи и официјално затворање на листата во рамките на ЈДГ „Весели цветови“, која на почетокот на мојот мандат имаше дури 180 деца. На ниво на цела општина остануваат уште дваесетина деца што чекаат прием, но во согласност со дадените ветувања и динамиката на работа, веќе е извесно дека ваквиот проблем во Кисела Вода ќе биде целосно решен. Овој пример покажува колку е важно кога компаниите препознаваат значајни проекти и активно придонесуваат тие да станат реалност – вели градоначалникот.
Според заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, важна е соработката меѓу локалната и централната власт во интерес на децата.
– Главниот фокус на нашето министерство се детската заштита и демографијата. Секој родител има право да работи, а дечињата да си ја најдат својата среќа во ваквите објекти што ние ги градиме. Како Влада, она што го ветивме пред една година, на половина пат сме да го оствариме. За една година од денес со сите оние објекти што ги очекуваме, петнаесет на број до крајот на годината низ Македонија, но и многу други што ќе бидат отворени во текот на 2026 година, ќе бидат отворени и многу други, со што листите на чекање со 4.000 деца конечно ќе бидат затворени. Секогаш ќе се залагаме за подобри услови за децата и секогаш ќе ни бидат потребни партнери, за да ни дадат дополнителна поддршка да го оствариме тоа – вели заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски. К.М.