Од 2004 година во Македонија, вакцината против хепатитис Б е влезена во редовниот календар за имунизација и секое новороденче се вакцинира против хепатитис Б. Лицата вакцинирани против хепатитис Б истовремено се заштитени и од хепатитис Д. Вакцина против хепатитис А постои, но таа кај нас не е влезена во редовниот календар за имунизација. За вирусните хепатитиси разговаравме со проф. д-р Марија Димзова, која се усовршувала за лекување вирусни хепатитиси и на престижни клиники во странство, за што одбрани докторат во 2018 година
ПРОФ. Д-Р МАРИЈА ДИМЗОВА, ИНФЕКТОЛОГ, СПЕЦИЈАЛИСТ ЗА ЛЕКУВАЊЕ ОД ВИРУСНИ ХЕПАТИТИСИ (3)
По повод Светскиот ден за борба против хепатитисот (28 јули), во претходните две продолженија ви пренесовме поголем дел од стручните согледувања на, во домашни и меѓународни рамки, мошне еминентниот инфектолог и специјалист за лекување вирусни хепатитиси проф. д-р Марија Димзова. Таа е раководителка на Одделот за фебрилен инфективен иктерус на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, на која работи како докторка од 2002 година, а од 2007 е специјалист инфектолог. Професорка е на Катедрата за инфективни болести на Медицинскиот факултет во Скопје. Во последново продолжение разговараме за хепатитисот Е, алкохолниот хепатитис и за превенцијата (заштитата) од вирусните хепатитиси.
Можете ли да ни дадете појаснување за хепатитис Е?
– Вирусот хепатитис Е е сличен на хепатитис А во однос на начинот на пренесување. Позачестен е во земјите со низок социоекономски развој и почесто се сретнува во Југоисточна Азија, Африка и на Индискиот Потконтинент. Ретко предизвикува хроницитет, откриени се неколку случаи кај имунокомпромитирани лица. Клиничкото значење се согледува во способноста да предизвика тежок облик на хепатитис кај трудниците, каде што има и висока стапка на смртност, особено во ендемските области.
Можете ли да ни кажете нешто повеќе за алкохолниот хепатитис, последиците од него и за успешноста во лекувањето?
– Алкохолниот хепатитис претставува воспаление на црниот дроб предизвикано од прекумерна и долготрајна консумација на алкохол. Се смета за сериозно заболување што може да доведе до трајно хепатално оштетување и понатаму да прогресира во цироза или хепатоцелуларен карцином. Како последици од алкохолниот хепатитис може да се јават хепатална инсуфициенција (намалена функција на црниот дроб), иктерус, асцитес (насобирање течност во стомакот), хепатална енцефалопатија, зголемен ризик од инфекции, како и смртен исход.
Најважен и прв чекор е целосна апстиненција од алкохол, што е одлучувачки фактор за излекување, бидејќи процесот е реверзибилен. Во полесни форми, функцијата на црниот дроб може делумно или целосно да се врати при навремено прекинување на консумацијата. Меѓутоа, кај напредната фаза со цироза, можностите се ограничени и понекогаш единствена опција е трансплантација на црн дроб. Клучни се раната дијагноза, апстиненцијата и поддршката од мултидисциплинарен тим – гастроентеролог, инфектолог, психијатар, нутриционист и социјален работник.
Дали е најважна превенцијата? Како може да се заштитат најризичните групи?
– Превенцијата е најважна алатка за да се спречи појава на една болест и истовремено претставува најмоќен начин за ерадикација, или елиминација на одредена болест. Вирусните хепатитиси А, Б и Д спаѓаат во болести што можат да се превенираат со вакцини. Како што спомнав, од 2004 година кај нас, во Македонија, вакцината против хепатитис Б е влезена во редовниот календар за имунизација и секое новороденче се вакцинира против хепатитис Б. Лицата вакцинирани против хепатитис Б истовремено се заштитени и од хепатитис Д. Вакцина против хепатитис А постои, но таа кај нас не е влезена во редовниот календар за имунизација.
Покрај специфична превенција, постои и неспецифична превенција, односно правилна хигиена на рацете, миење на зеленчукот и овошјето со чиста амбалажирана вода кога се оди во земјите што се ендемски зa хепатитис А и Е, избегнување на ризично однесување во смисла на користење игли за еднократна употреба кај лицата што користат дрога по интравенски пат (и кај нас постои програма за размена на игли), заштита од пренос по сексуален пат, користење чисти игли при пирсинг и тетоважи и, секако, правилна стерилизација на инструментите и скринирање на сите крвни продукти.
За лицата што имаат повреда на работно место од лице инфицирано со хепатитис Б постои постекспозицика профилакса, која се состои од примање вакцина и серум (хиперимуни глобулини против хепатитис Б), додека за хепатитис Ц не постои ниту вакцина ниту серум, но затоа постојат ефикасни лекови. Ризичните групи, меѓу кои спаѓаат и здравствените работници, лица што живеат со лица со ХБВ, лица со хронични црнодробни, бубрежни, кардиолошки, хематолошки и онколошки заболувања, коинфицирани со вирусот на ХИВ и ХЦВ треба да се заштитат против хепатитис Б по пат на вакцинација.
Тоа беше последното прашање од извонредно излагање на угледната експертка проф. д-р Марија Димзова за „Нова Македонија“.
Крај
СЗО: Хепатитисот е водечка причина за рак на црниот дроб
Светската здравствена организација ги посочува следните три клучни пораки за темата за 2025 година:
1. Хепатитисот е водечка причина за рак на црниот дроб – и растечки глобален убиец. Хроничниот вирусен хепатитис предизвикува 1,3 милион смртни случаи секоја година, главно од рак на црниот дроб и цироза. Тоа се 3.500 смртни случаи секој ден – на исто ниво со туберкулозата. Хепатитисот Б и Ц се шират тивко, со 8.000 нови инфекции дневно. И покрај тоа што може да се спречи и да се лекува, товарот на болеста продолжува да расте, особено во региони со ограничен пристап до здравствена заштита.
2. Познавањето на статусот, раната дијагноза, е прв чекор за спречување рак на црниот дроб, при што се добива пристап до третман што спасува животи. Повеќето луѓе не знаат дека се заразени со хепатитис. Тестирањето – особено за оние во ендемски региони или со поголем ризик – е клучно за искоренување на хепатитисот.
3. Може да се спречат 2,8 милиони смртни случаи до 2030 година – но само ако земјите дејствуваат сега. Постојат вакцини, ефикасни лекови и терапии и докажани алатки за запирање на преносот. Повеќето случаи остануваат недијагностицирани сè додека не биде предоцна. Напредокот бара национална посветеност, паметни инвестиции и системи за јавно здравје, кои ги вградуваат услугите за хепатитис во примарната здравствена заштита. Инвестирањето во навремена дијагноза и интегрирана грижа ориентирана кон луѓето ќе спаси животи и ќе го спречи ракот на црниот дроб пред да се појави.
СЗО повикува на итна акција за отстранување на финансиските, социјалните и системските бариери што стојат на патот на елиминацијата на хепатитисот и превенцијата од рак на црниот дроб. Хроничниот хепатитис Б и Ц тивко предизвикуваат оштетување на црниот дроб и рак – иако можат да се спречат, да се лекуваат и, во случајот на хепатитис Ц, да се излекуваат. „Да го разбиеме хепатитисот“, е насловот на темата за оваа година. Ж.З.