Пристапот на камери во соблекувалната е едно од многубројните подобрувања што ги даваат клубовите од највисоката лига како дел од новиот телевизиски договор, заедно со интервјуа со играчи или со тренери на полувреме и интервјуа во текот на натпреварот со тренери или со заменети фудбалери, а клубовите мора да дозволат еден од тие новитети најмалку двапати во сезоната
ФУДБАЛ – ВО НОВАТА СЕЗОНА
Камери ќе бидат дозволени во соблекувалните во англиската фудбалска Премиер-лига следната сезона, како дел од новото искуство што им го нудат радиодифузерите на гледачите. Но, според новиот развој, клубовите ќе можат да се премислат за ова ако губат, а пристапот до соблекувалната е едно од многубројните подобрувања што ги даваат клубовите од највисоката лига како дел од новиот телевизиски договор со „Скај спорт“ и со „ТНТ спортс“, заедно со интервјуа со играчи или со тренери на полувреме и интервјуа во текот на натпреварот со тренери или со заменети фудбалери, пишува британски „Индепендент“. Клубовите мора да дозволат еден од тие новитети најмалку двапати во сезоната, според деталите за аранжманите за емитување за новата сезона наведени во најновиот прирачник на лигата. Сепак, клубовите можат да го одбијат пристапот ако губат во времето кога треба да се обезбеди пристапот, но потоа мора да прифатат друго барање за пристап подоцна во сезоната, пишува „Индепендент“.
Радиодифузерите мора да поднесат барања до клубовите најмалку пет дена пред мечот и да утврдат кој пристап е пожелен. Клубовите мора да одговорат најмалку 72 часа пред дуелот кој од трите вида пристап планираат да го обезбедат. Радиодифузерите и клубовите ќе работат заедно за да се осигурат дека собраната содржина е „позитивна и неконтроверзна“, се наведува во прирачникот, пишува „Индепендент“.
Пристапот до соблекувалната може да биде меѓу крајот на загревањето и првиот сигнал пред почетокот на средбата, меѓу тој сигнал и напуштањето на соблекувалната од играчите, на полувремето или веднаш по мечот, откако сите ќе се вратат во соблекувалната. Клубовите ќе го имаат последниот збор и за тоа дали ќе се снима аудио.
За интервјуата на полувремето клубовите и радиодифузерите мора меѓусебно да се договорат најдоцна 24 часа пред натпревар за тоа дали ќе биде достапен играч или тренер. Ако биде играч, тој ќе биде избран од список од најмалку пет, составен од радиодифузерот и доставен до клубот до 40. минута од средбата.
Интервјуата ќе се состојат од најмногу три прашања, се вели во прирачникот, и ќе бидат „поврзани со натпреварот од лигата“ и „позитивни“, пишува „Индепендент“. Интервјуата во текот на натпреварот ќе вклучуваат или тренер или заменет фудбалер, при што тие ќе бидат достапни најдоцна до 85. минута од дуелот. Овие интервјуа ќе содржат најмногу по две прашања.
Првиот натпревар во новата сезона е помеѓу Ливерпул и Борнмут, на 15 август. Н.М.