Два ер-трактори претпладнево го гаснеа пожарот кој избувна во атарот на преспанските села Езерани, Волкодери и Покрвеник.
Од секторот за односи со јавност на Општина Ресен, за МИА попладнево потврдија дека побарана е помош за дополнително дејствување на ер-трактор и гаснење на огнот кој не е локализиран.
-Оштетени се повеќе површини, а опасноста го демне и националниот парк Езерани, кој како што е познато, претставува заштитено подрачје. На терен се ресенските пожарникари, ние од локалната самоуправа, ренџери од националниот парк и локалното население кое помага – потврдија од Општина Ресен.
Со пожарот зафатени се трска, шума и јаболкови насади во преспанските села Езерани, Волкодери и Покрвеник, а опасноста да биде зафатен Националниот парк „Галичица“ не е исклучена.