На младите Европа останува

Овие нови генерации се иднината на Европа, кои треба да ги исправат грешките на оние што сега се зад европското кормило и кои очигледно не знаат во кој правец се движат. А времето на младите ќе дојде многу брзо, така што оние што денес се на младинската олимпијада во Скопје и во Куманово, веќе утре ќе го одредуваат новиот европски курс со јасно поставена цел, обединета Европа во која секој ќе си го најде сопственото место

Убаво е чувството кога деновиве низ врелото Скопје ќе сретнете млади насмеани деца, облечени во спортски маички, како весело џагорат низ градот, сите на различни јазици, но со една цел и намера – да се натпреваруваат, ако можат да победат, но најважно од сѐ да се дружат. Истите сцени се случуваат и во Куманово, град што ќе биде домаќин на дел од спортските дисциплини.
Имено, Македонија деновиве е домаќин на речиси 4.000 млади од цела Европа што во следните неколку дена ќе бидат дел од Европскиот младински олимписки фестивал „Скопје 2025“ (ЕМОФ), кој свечено беше отворен завчеравечер во спортскиот центар „Јане Сандански“. Убава беше глетката да се видат сите тие деца од цела Европа на трибините како заеднички уживаат во богатата музичка програма, свесни дека веќе следниот ден во спортскиот ринг ќе се обидат да го дадат најдоброто од себе и да победат во натпреварот во кој уште однапред сите се победници.
Свеченото отворање го означи почетокот на еднонеделниот спортски и културен настан што ќе ги обедини младите спортисти од целиот континент во духот на ферплеј, пријателство и на солидарност. Натпревари ќе се одржат во 15 спорта: атлетика, пливање, кошарка, баскет 3×3, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо. Сето ова е една младинска европска олимпијада организирана во Македонија, која широко го покажа своето гостопримство кон оние на кои Европа и светот остануваат, на младите.
А токму младите се тие што со ништо не се обременети од минатото, кои на иднината гледаат со очите на почит кон другиот, разбирање, хуманост и солидарност, бидејќи во овој глобален свет сите се смеат на истите видеа што ги гледаат по социјалните мрежи, сите се солидаризираат со несреќите што се случуваат наоколу, сите носат слични модни брендови, одат на исти концерти, но и сите бараат поубав свет во кој ќе можат да живеат и да ја градат својата иднина.
Организацијата на Европскиот младински олимписки фестивал е само продолжување на олимпизмот, кога запирале непријателствата и војните и кога на спортски мегдан се одмерувале силите. Во овие немирни и тешки времиња оваа мала младинска олимпијада секако е едно големо пријатно освежување во Европа, растргната во расправи и кавги за буџетот, колку пари да се одвојат за ново оружје, за војски, како да се спречат терористичките и хибридните напади, како да се стабилизира економијата, дали ЕУ ќе се проширува или не, дали внатрешно ќе се реформира, кој ќе ја води… Милион прашања без конкретен одговор.
Затоа на Европа ѝ е потребен духот на олимпизмот, и тоа на овој млад нерасипан олимпизам, кој манифестацијата не ја гледа низ призмата на комерцијална заработка, туку преку пораките што се испраќаат, за заедништво, сплотеност, хуманост, разбирање, почит, сето она што оваа денешна Европа одамна го изгуби.
А го изгуби затоа што ги напушти сопствените принципи, дозволи земјите членки да се однесуваат како разгалени деца што ќе плачат и ќе се трескаат од земја пред излогот на продавницата доколку не им се купи посакуваната играчка. Тоа го разби европското единство и ја дисторзира целосно европската идеја.

Затоа Македонија, која деновиве е домаќин на европскиот младински олимписки фестивал, седи блокирана во европската чекалница. Тоа е како на едно младо дете денеска да му кажеш дека не може да влезе во големата сала да се натпреварува со другите само затоа што две други деца имаат забелешки, едното за неговото име, другото за неговото презиме. Но тоа кај овие нови млади генерации нема да се случи. Ќе го земат под раце другарчето и ќе го внесат во салата, или сите ќе играме или никој. На овие млади генерации не им е битно кој од каде е, како интимно се чувствува, како се вика, ним им е битно да биде човек што ги почитува сите.
Затоа не попусто се рекло дека на младите светот останува. Добро е што илјадници млади ќе ја видат и почувствуваат Македонија во своите срца, за утре да знаат за една прекрасна земја во која биле, но и да сакаат секогаш да се враќаат бидејќи ја чувствуваат како нераскинлив дел од заедничката европска приказна. Тоа го сакаат сите без исклучок, меѓу нив нема политика, меѓу нив нема историски соништа, туку искрен пристап. На игрите неделава ќе се разменат многу контакти, ќе се склучат нови пријателства, можеби ќе се случи и некоја љубовна приказна, но сигурно ќе се случи едно големо европско обединување.
Овие нови генерации се иднината на Европа, кои треба да ги исправат грешките на оние што сега се зад европското кормило и кои очигледно не знаат во кој правец се движат. А времето на младите ќе дојде многу брзо, така што оние што денес се на младинската олимпијада во Скопје и во Куманово, веќе утре ќе го одредуваат новиот европски курс со јасно поставена цел, обединета Европа во која секој ќе си го најде сопственото место.

Пораката испратена од овој настан е токму во таков дух, дека овие игри се многу повеќе од медали, тие се за учење, поврзување, споделување и живеење на олимписките вредности: извонредност, пријателство и почит. Она што учесниците ќе го понесат со себе се пријателствата, спомените и чувството дека сите му припаѓаат на големото европско семејство.
Македонија одамна покажа дека му припаѓа на тоа европско семејство, тоа го потврдува со организацијата на овој настан, но и на многу други настани на кои јасно бил изразен македонскиот европски курс. Останува на Европа да се потсети на целите на олимпизмот, особено кога станува збор за младите генерации, и да почне така да се однесува. Неодамнешната расправа во Европскиот парламент по извештајот за напредокот на Македонија само докажа дека сегашната европска гарнитура е далеку од олимпизмот, но никогаш не е доцна да сфатат дека „светот, вклучувајќи ја и Европа, е само поле за културен, па нека биде и спортски, натпревар меѓу народите“. Овие млади што учествуваат на младинската олимпијада во Скопје се децата на новата Европа. Добро е што се наши гости и секогаш ќе бидат добредојдени.