Деновиве во Србија од печат излезе антивоениот роман „Столб што пее“ на македонскиот писател Томислав Османли. Во превод на српски, реализиран од Сашо Огненовски, овој македонски роман го објави реномираното книгоиздателство „Агора“ од Нови Сад. Оригиналното, македонско издание на „Столб што пее“, пред три години го понуди книгоиздателството „ВиГ Зеница“ од Скопје, по што следуваа неговите објави во Грција во издание на „Литератус“ од Солун во превод од македонски на Ставрула Маврогени и сега, српската објава на „Агора“. „Столб што пее“ е претпоследниот, четврти роман на Османли и едновремено негова шеста книга што се објавува во соседна Србија.
„Столб што пее“ е роман со сложено време и место на дејство. Дејството му е трансисториско и се одвива паралелно, во антиката, во првата половина на дваесеттото, како и во нашево, трагично обеспокоено столетие. Почнува во првиот век на нашата ера кога еден умирачки антички мелограф и филозофски поет ќе ни ја остави најстарата преживеана песна од древните времиња, што се гласи со лирски тон и со оптимистичка порака, тече преку Малоазиската војна 1919-1922, која е еден меѓунационален и меѓуверски судир проследен со многубројни, масовни цивилни масакри, инаку изведен како еден вид продолжение на Првата светска војна, но на несмиреното малоазиско тло…. Наративот на „Столб што пее“ тече сѐ до нашево совремие, до почетокот на трауматичната руско-украинска војна од 2022 година и го подразбира нашево ново, опасно завојувано столетие. Романот дава жестока панорамска слика на вековите и посебно на оваа епоха со глобално распалувани војни.
Свои бележити мултимедиски осврти за оваа книга објавија: Лидија Капушевска-Дракулевска, Весна Мојсова-Чепишевска, Сашо Огненовски, а содржајни предговори и книжевниците Глигор Стојковски кон македонското и Вангелис Тасиопулос кон грчкото издание на „Столбот што пее“. Инаку, преводот на романот „Столб што пее“ на српски јазик новосадска „Агора“ и нејзиниот главен уредник, книжевникот Ненад Шапоња, го објавуваат со поддршка на Министерството за култура и туризам од средствата на фондот за поддршка на објави на значајни македонски книги во странство.