Фото: Маја Јаневска-Илиева

Хрватска

Против поранешниот министер за здравство Вили Берош и уште седум лица е поднесено обвинение пред Окружниот суд во Загреб од страна на хрватската служба за борба против корупција и организиран криминал (УСКОК), поради сомнежи за корупција поврзана со јавни набавки на медицинска опрема.
Берош е осомничен дека примил мито во износ од 75 илјади евра, додека државниот буџет, според УСКОК, е оштетен за преку 740 илјади евра.
Меѓу обвинетите се и бизнисменот Хрвоје Петраќ, кој се предаде на властите минатата недела по осум месеци бегство, неговите синови Новица и Никола Петраќ, бизнисменот Саша Поздер, поранешниот шеф на неврологија во болницата „Сестри милосрдници“, Крешимир Ротим, директорот на Детската болница во Загреб, Горан Роиќ, и Томо Павиќ од филијалата на Хрватскиот институт за здравство и социјална заштита во Крапина.
Меѓу делата опфатени во обвинението се злосторничко здружување, давање и примање мито, злоупотреба на положба и овластување, незаконско фаворизирање, трговија со влијание и перење пари. Три правни лица исто така се обвинети за истите дела во рамките на организирана група.
Европското обвинителство во Загреб отвори посебна истрага против Берош и Ротим (заедно со уште пет лица) откако тие беа уапсени од УСКОК во ноември минатата година. Р.С.