На свеченото отворање, македонското знаме ќе го носат Кристијан Смилев (кајак) и Матеа Поповска (одбојка). Од утре до 26 јули повеќе од 4.000 млади спортисти на возраст од 14 до 18 години ќе се натпреваруваат во 15 спорта

Македонија ќе ја претставуваат вкупно 181 спортист и 22 тренери на летниот „Европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025“, кој почнува утре. На свеченото отворање, македонското знаме ќе го носат Кристијан Смилев (кајак) и Матеа Поповска (одбојка). Вкупно на 18-от летен Европски младински олимписки фестивал се очекуваат повеќе од 4.000 спортисти и службени лица, од 50 европски делегации.
Сите спортски натпревари на „ЕМОФ Скопје 2025“ ќе бидат целосно бесплатни за посетителите, пишува на официјалната интернет-страница на „ЕМОФ Скопје 2025“.
Европскиот младински олимписки фестивал е најголемиот спортски настан организиран за млади, првпат одржан во 1991 година, во Брисел (Белгија), како летен спортски натпревар, а првиот зимски ЕМОФ е одржан во 1993 година, во Аоста (Италија). Многу од европските спортски ѕвезди ги правеле првите чекори на меѓународната сцена на ЕМОФ, натпреварување на кое во минатото освојувале медали некои подоцнежни врвни светски спортисти во летни и во зимски спортови, кои освојувале медали и на олимписки игри, светски и европски првенства…
„ЕМОФ Скопје 2025“ ќе обезбеди идеална сцена за идните олимпијци да се натпреваруваат, како и за спортистите што се надеваат дека ќе учествуваат на Младинските олимписки игри во Дакар во 2026 година, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Од утре до 26 јули млади спортисти на возраст од 14 до 18 години ќе се натпреваруваат во 15 спорта (уметничка гимнастика, атлетика, бадминтон, кошарка, баскет 3х3, кану-слалом, друмски велосипедизам, планински велосипедизам, ракомет, џудо, стрелаштво, пливање, пинг-понг, таеквондо, одбојка), првенствено во Скопјe, каде што ќе се одржат и церемониите на отворање и на затворање. Вкупно 11 спорта ќе се одржат во Скопјe, Куманово ќе биде домаќин на натпревари во кошарка, друмски велосипедизам и во планински велосипедизам, а хрватскиот град Осиек ќе биде домаќин на уметничката гимнастика, пишува ИОК. Н.М.