Синер го победи Алкараз во финалето во Лондон со 3-1 во сетови за прв триумф на Вимблдон, во уште еден возбудлив меч, по финалето во Париз неодамна. Тие ги освоија претходните седум гранслем-титули (4-3 за Синер), а мали се разликите меѓу нив во однос на други бројки, откако Синер има 20 титули, Алкараз 21, Шпанецот има предност во гранслем-трофеите, 5-4, и во меѓусебните дуели, 8-5, во изминатите две сезони Синер победи на 99 од своите 110 средби и освои 10 титули, Алкараз победи на 102 од своите 121 меч и освои девет трофеи…
ТЕНИС – ГРАНСЛЕМ-ТУРНИР ВИМБЛДОН
Светскиот тенисер број еден Јаник Синер ја освои својата прва титула на гранслем-турнирот Вимблдон со тоа што го победи Карлос Алкараз во уште едно висококвалитетно финале, овој пат со 4-6, 6-4, 6-4, 6-4, реванширајќи се за поразот на Отвореното првенство на Франција пред само 35 дена, пишува „Би-би-си“. На тој меч во Париз, Синер водеше со 2-0 и имаше три шампионски поени, пред Алкараз да се врати и да победи во класик од пет сета што траеше повеќе од пет часа. Сега, Синер одговори со тоа што му ја одзеде круната на двократниот бранител на титулата, Алкараз, на тревата на централниот терен, по уште еден возбудлив натпревар, кој повторно ги покажа нивните удари, атлетизам и ѕвездена моќ, пишува „Би-би-си“.
– Толку е посебно. Го живеам својот сон. Имав многу тежок пораз во Париз, но на крајот на денот не е важно како победувате или губите, само треба да разберете што сте згрешиле. Го прифативме поразот, продолживме да работиме и затоа го држам овој трофеј – рече Синер, кој ја освои четвртата гранслем-титула во својата кариера и е прв италијански шампион на Вимблдон.
Победата на Синер го спречи 22-годишниот Алкараз да стане само петтиот тенисер во т.н. отворена ера (од 1969 година) што освоил три последователни титули на Вимблдон.
– Секогаш е тешко да се изгуби, но пред сѐ, морам повторно да му честитам на Јаник. Ова е навистина заслужен трофеј. Тој играше одличен тенис и ќе продолжи да биде голем ривал – рече Алкараз.
Синер и Алкараз создадоа дуопол во машката игра во текот на изминатите две сезони, откако ги освоија претходните седум гранслем-титули (Синер четири, Алкараз три). Тие се првите двајца тенисери што играа во финалињата на Ролан Гарос и на Вимблдон во иста година, по Роже Федерер и Рафаел Надал во 2008 година, пишува „Би-би-си“.
Мали се разликите меѓу нив двајца во однос на бројките. Синер освои 20 титули, Алкараз 21, Шпанецот има предност и во гранслем-трофеи, 5-4, Алкараз води во меѓусебните натпревари со 8-5, нивните траектории беа слични, откако во текот на изминатите две сезони Синер победи на 99 од своите 110 натпревари и освои 10 титули, Алкараз победи на 102 од своите 121 натпревар и освои девет трофеи… Н.М.
Претходни седум шампиони на гранслем-турнири
2024 г. Австралија опен Јаник Синер
2024 г. Ролан Гарос Карлос Алкараз
2024 г. Вимблдон Карлос Алкараз
2024 г. САД опен Јаник Синер
2025 г. Австралија опен Јаник Синер
2025 г. Ролан Гарос Карлос Алкараз
2025 г. Вимблдон Јаник Синер
Извор: „Би-би-си“