Фото: Дом на култура „Иван Мазов Климе“

Во рамките на  „Кавадаречко културно лето 2025“,  а по повод  Националниот празник Наадам на Монголија,  кој се одбележува на 11 јули, вчера во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ беше отворена изложба на многу добро познатиот уметник и пријател на Кавадарци  Леетив Намдагјанчивин кој воедно е и архитект, моден дизајнер, преведувач и почесен генерален конзул на Монголија во Македонија.

-Леетив е уметник со космополитски дух, но длабоко вкоренет во симболите, историјата и орнаменталниот код на монголската традиција. Во неговите дела, препознаваме ликови, знаци, калиграфија и композиции што говорат тивко, но моќно. Тоа се дела кои не се наметнуваат, туку повикуваат на размислување, на внатрешно патување, на почит кон културната разноликост. Неговите дела се сведоштво за една чиста уметничка визија, но и за одговорноста која тој ја носи како културен амбасадор на својата татковина –  рече во своето обраќање на отворањето на изложбата  директорот на домот на културата Методи Глигоров  изразувајќи му благодарност што  со својата уметност ја збогатува локалната културна сцена на Кавадарци.

Фото: Дом на култура „Иван Мазов Климе“

Делата на оваа изложба претставуваат негова најнова ликовна фаза, каде  традиционалната монголска калиграфија се трансформира во современа графичка структура, во дијалог со минатото, идентитетот и универзалната убавина. Она што го прави овој настан уште повпечатлив е фактот што Леетив живее и работи во Скопје и активно придонесува во унапредувањето на  културната дипломатија  меѓу двете земји. Поставката во Кавадарци доаѓа како резултат на долгогодишната пријателска и професионална соработка меѓу авторот и кураторот на изложбата уметницата и архитект Марина Убавкова .  Оваа изложба за убавкова е потврда дека Кавадарци не само што ги негува домашните уметници туку  и е отворен град за светот, за уметноста коа зборува на сите јазици.

-Во делата на Леетив може да се прочита тишина, историја, но и отпор против заборавот, против еднообразноста. Во неговите платна и графики се кодифицирани митови, молитви и постојана жед за вистинско изразување. Сето ова ја прави оваа изложба една од најзначајните ликовни настани оваа лето во регионот – подвлече Убавкова.

Изложбата на Леетив Намдагјанчивин беше организирана од Почесниот генерален конзулат на Монголија и домот на културата „Иван Мазов Климе“ и ќе биде отворена до крајот на јули. M.M.