Фото: ЕПА

Пари сен Жермен го победи Реал Мадрид во полуфиналето на клупското СП 2025 и ќе игра со Челси в недела во Њу Џерси за светската клупска титула

ФУДБАЛ – В НЕДЕЛА ФИНАЛЕ НА КЛУПСКОТО СП 2025

Пари сен Жермен (Франција) победи на дуелот со Реал Мадрид (Шпанија) со 4-0, во полуфиналето на реформираното клупско Светско првенство (СП) што се игра во САД и ќе се сретне со Челси в недела (од 21 часот по средноевропско време) во Њу Џерси во натпреварот за светската клупска титула. Челси (Англија) претходно во финалето се пласира со победата на средбата со Флуминенсе (Бразил), со 2-0.
– Се чувствувам одлично. Секогаш е тешко да се игра ваков натпревар против Реал Мадрид. Мислам дека го почнавме натпреварот многу добро. Многу сум задоволен од овој настап. Се наоѓаме во посебна сезона, посебен момент и мислам дека заслуживме да победиме. Имаме уште еден чекор против многу добар тим како Челси. Сега е време да се подготвиме. Сакаме да испишеме историја за нашиот клуб – рече тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, пренесе Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Годинашниот клупски Мундијал е прв на кој настапуваат 32 тима од целиот свет, а вакви планетарни шампионати ќе се играат секои четири години. Досега за светската титула се играше секоја година, а на првенства учествуваа континенталните шампиони. Ваков систем натпревари ќе продолжат да се играат секоја година, со ново име, Интерконтинентален куп на ФИФА, на кој годинава ќе настапи Пари сен Жермен, како актуелен европски првак.
ПСЖ сега е на една победа од четири трофеи, откако сезонава ги освои титулите во Лига 1, Купот на Франција и во Лигата на шампионите, пишува Светската фудбалска федерација.
– Се обидувам да му помогнам на тимот. Знаејќи дека му помогнав на тимот, среќен сум што постигнав два гола во полуфиналето на Светското клупско првенство. Се обидувам да дадам сѐ од себе, да го правам она што тренерот го бара од мене и имам голема среќа што можам да играм за овој клуб. Сега сакаме да го завршиме турнирот на најдобар можен начин и да освоиме уште еден трофеј – рече Фабијан Руиз, играч од средниот ред на ПСЖ, пренесе ФИФА. Н.М.