Ова е само почеток на една поширока мисија, а тоа е промовирање спортски дух и здрави навики кај сите сектори на општеството, со џудото како средство за личен и професионален развој, велат од ЏФМ
ЗАПОЧНА ЕДЕН ОД НАЈЗНАЧАЈНИТЕ ПРОЕКТИ НА ЏФМ
Започна да се спроведува меморандумот за разбирање и соработка, кој беше потпишан на неодамна завршеното Европско првенство (ЕП) за кадети во Скопје меѓу Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Министерството за внатрешни работи на Македонија и Европската џудо-унија (ЕЏУ). Всушност се работи за еден од најзначајните проекти на ЏФМ, а тоа е „Џудо во МВР“.
– Со голема гордост ја објавуваме официјалната реализација на овој важен проект, кој има цел да ги доближи вредностите на џудото – дисциплина, почит, самоконтрола и физичка подготвеност до припадниците на Министерството за внатрешни работи (МВР). Овој проект се реализира со силна поддршка од Министерството за спорт, министерот Борко Ристовски, кој даде целосна поддршка за иницијативата и нејзина реализација, без која овој проект немаше да биде реализиран, и Европската џудо-унија (ЕЏУ), која го препозна значењето на овој чекор и даде меѓународна поддршка. Ова е само почеток на една поширока мисија, а тоа е промовирање спортски дух и здрави навики кај сите сектори на општеството, со џудото како средство за личен и професионален развој. Голема благодарност до сите што помогнаа овој проект да стане реалност – велат од ЏФМ.
Во Центарот за обука во Идризово, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за спорт Борко Ристовски присуствуваа на предавањето донација од спортски душеци (татами) и кимона наменети за опремување на џудо-салата за обука на полициските кадети и полициските службеници. Притоа министерот подвлече дека оваа соработка произлегува од неодамна потпишаниот меморандум за соработка меѓу министерствата за внатрешни работи и за спорт и меморандумот за разбирање меѓу Националната џудо-федерација и ЕЏУ, кој беше потпишан за време на ЕП во џудо за кадети, кое неодамна се одржа во Скопје.
– Вложуваме во луѓето, во нивната подготвеност и едукација. Градиме силна и подготвена полиција што ќе одговори на безбедносните предизвици на денешнината и успешно ќе се бори со криминалот. За тоа е потребна и постојана физичка подготвеност, која ја обезбедуваме преку унапредување на сите спортски капацитети тука во Центарот за обука, така и во другите капацитети на МВР. Со помош на Министерството за спорт и ЕЏУ ја опремуваме џудо-салата каде што кадетите и полициските службеници ќе ја одржуваат својата физичка кондиција и ќе ги унапредуваат своите вештини потребни за успешно извршување на работата – истакна министерот Тошковски, пренесе ЏФМ.
Тошковски образложи и дека преку оваа соработка се планирани програми за физичка обука базирани на џудо за полициски службеници во насока на подобрување на самоодбраната и целокупната физичка подготвеност и соработка во многу други активности што ги промовираат спортот, дисциплината и здравото живеење. Г.И.