39 МАРИОВСКО-МЕГЛЕНСКИ КУЛТУРНИ СРЕДБИ
Граѓани од Прилеп, Битола, Кавадарци и околните села кои пак потекнуваат од разни села на областа Мариово, масовно присуствуваа на триесет и деветотот издание на манифестаијата „Мариовско-мегленски средби“ која се одржа во манастирот „Св. Илија“ во мариовското село Мелница, каде е роден македонскиот писател Стале Попов.
Во програмата учествуваа ученици од ОМУ ,,Ордан Михајлоски Оцка” – Прилеп, а настапија и КУД ,,Гоце Делчев” од Битола, КУД ,,Новаци” од Новаци и ФА ,, Божилак” од Дедебалци, Добрушево, Мусинци и Ношпал.
Народната веселба со сплет македонски народни песни ја збогати пејачката Софија Коческа во придружба на оркестарот при КУД „Гоце Делчев“ од Битола, поетски настап имаше Божана Тренческа од Клубот на литературните творци од Прилеп, а со хумореска присутните ги почести Јован Ѓуровски. Програмата ја водеше Филип Димкоски.
Манифестацијата чие одржување започнало во 1984 година, ја отвори претседателот Стојан Ѓуровски кој преку 20 години е посветен на нејзиното зачувување
– Низ годините се случуваа голем број настани, многу активности преку кои посветено работевме на негување на фолклорот, етнологијата, поезијата и прозата, но и на научно-истражувачката и издавачката дејност.
Досега одржавме девет научни собири, две советување и една меѓународна научна конференција. Од сите овие собири и советувања објавени се зборници со вкупен тираж од околу 2000 примерока и сите објавени книги се подарувани, а не продавани-потенцираше Ѓуровски.
Иако претходно манифестацијата добивала средства од Министерството за култура, последниве години опстојува само благодарение на средствата од Општина Прилеп, која минатата година на организацискиот одбор на „Мариовско-мегленските средби“ му ја додели наградата „3 Ноември“ по повод 80 години од ослободувањето на Прилеп.
– Оваа награда нѐ натера да работиме уште повеќе и поодговорно, па така годинава освен денешнава манифестација предвидено е и објавување на монографија, но и научно советување на тема „Влијанието на негувањето на културното наследство врз развојот на личноста“ со педагози и психолози од Прилеп-најави претседателот Ѓуровски.
Годинава изостана присуството на претставници од Меглен, но за следната година кога оваа манифестација ќе одбележи 40 години постоење, најавено е гостување на повеќе фолклорни групи и од мегленско.