Фото: ЕПА / Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека верува дека примирје во Газа меѓу Израел и Хамас може да се постигне во рок од една недела.

На настан во Овалната соба, на кој беше потпишан договорот меѓу Конго и Руанда, Трамп пред новинарите рече дека верува дека примирјето е блиску.

Тој додаде дека штотуку разговарал со луѓето вклучени во обидот да се запре конфликтот меѓу Израел и Хамас во палестинската енклава.

Хамас изјави дека е подготвен да ги ослободи преостанатите заложници во Газа како дел од секој договор за завршување на војната, додека Израел инсистира дека војната може да заврши само ако Хамас се разоружа и демонтира.

-Мислам дека сме блиску. Само што разговарав со некои од вклучените – рече Трамп, додавајќи дека верува дека во следната недела договорот ќе биде постигнат.

Израелскиот министер за стратешки прашања, Рон Дермер, в понеделник планира во Вашингтон да разговара со претставници на администрацијата на Трамп за Газа, Иран и можна посета на Нетанјаху на Белата куќа, соопштија британските медиуми, повикувајќи се на извор запознаен со ова прашање.

Нетанјаху пред два дена изјави дека исходот од војната меѓу Израел и Иран отвора можности за мир што Израел не смее да ги пропушти.

-Оваа победа претставува можност за драматично проширување на мировните договори. Работиме на ова со голем ентузијазам – рече Нетанјаху.