Модернизација на земјоделството во Кина преку иновации
Квалитетот на овошјето и на зеленчукот во Шинџијанг не е случаен, туку се должи на производството на земјоделски култури во овој предел овозможено од користењето напредна технологија. Токму технолошките достигнувања го прават земјоделството во овој регион поодржливо, со значително намалување на потрошувачката на вода и зголемување на приносите на земјоделските култури
Милко Живковиќ,
наш известувач од Пекинг
Замислете го можеби и највкусното овошје што некогаш сте го пробале како расте речиси среде пустина и ве освежува во жежок летен ден. Ова веројатно звучи како почеток на некоја народна приказна или легенда, но всушност се однесува на вкусувањето на слатката и сочна кајсија по која е препознатлив автономниот кинески регион Шинџијанг, а за која не би помислиле дека израснала во предел исполнет со неплодни пустински пространства во северозападниот дел на азиската држава. Сепак, квалитетот на кајсијата, како и на другото овошје и зеленчук во Шинџијанг не е случаен, туку се должи на производството на земјоделски култури во овој предел овозможено од користењето напредна технологија.
„Земјата на овошје и дињи“ има природни предиспозиции за земјоделство
Шинџијанг, наспроти пустинските предели, има одредени природни предиспозиции за земјоделство. Во овој регион се наоѓаат Такламакан, втората најголема подвижна пустина во светот, Тарим, најдолгата внатрешна река во Кина, како и езерото Ајдинг, најниската точка на копнената површина на Кина. Како типичен умерено сушен регион, Шинџијанг поседува 42,7 отсто од вкупните резерви на глечери во Кина, кои помагаат и за наводнување на дел од земјоделските култури.
Регионот се гордее со богати природни ресурси, но и како најголема производствена база за висококвалитетен памук во земјата (сочинува 91 отсто од националното производство) и како главен центар за специјализирано овошје и јаткасти плодови, поради што го добива прекарот „земја на овошје и дињи“. Таму се наоѓа и најголемата концентрација на стебла на кајсии во Кина, па разбирливо е што можат да се забележат улични продавачи на секој чекор. Во градот Корла се промовира и таканаречената локална мирислива круша, како уште една позната земјоделска култура што помага за приходите на локалните жители.
Земјоделската фарма „Оејзис фјучур фарм“ (Oasis Future Farm) во градот Корла, сместен на работ на пустината Такламакан, е впечатлив пример за ефектот од модерната технологија, благодарение на која искусните локални земјоделци успеаја да создадат импресивен центар за производство на овошје, зеленчук и памук. Основана во 2022 година, фармата опфаќа површина од околу 333 хектари, на кои целиот процес на одгледување на земјоделските култури се одвива со користење специјализирана опрема дизајнирања за сеење, наводнување, надзор и берба, како и на сателитскиот систем за навигација „Беиду“.

Претставникот на компанијата Брајан Џоу дошол во Корла пред шест години со своето семејство, по завршувањето на студиите по земјоделство во Глазгов, Шкотска, и заедно со група акционери инвестирал во модерната технологија. Тој напомена дека на фармата има 10 работници и 10 дрона, како и оти надзорот за појава на штетници, количеството на пестициди и обработливоста и состојбата на почвата се вршат преку современи апликации. Станува збор за модерно решение со интеграција на паметна онлајн платформа и офлајн оперативен систем. Онлајн активностите се водат преку центар за контрола на податоци и мобилни апликации, поддржувајќи го носењето одлуки преку комбинација на земјоделско искуство на вработените и паметна технологија.
– Паметните технолошки решенија можат да воспостават прецизни временски термини за сеење, наводнување, употреба на ѓубрива и пестициди, берба и подготовка за екстремни временски услови. Речиси сета работа се врши со користење модерна технологија, како што се дроновите – посочи Џоу.

Фармата, водејќи се според мотото „зајакнување на руралната ревитализација преку дигитална иновација“, преку одредена помош и соработка ги поттикнува локалните земјоделци да го прифатат паметното земјоделство.
Во градот Kуча, пак, модерниот земјоделски индустриски парк основан во 2022 година, на сличен начин, со помош на иновативни методи и технологии, се очекува да достигне годишно производство на овошје и зеленчук од девет илјади тони.
Голема посветеност на механизацијата
Посветеноста на Шинџијанг кон земјоделската механизација е очигледна, со стоотстотна механизација на процесите на орање и сеење, 80-отстотна при жетва и вкупна стапка на механизација од 94 отсто во одгледувањето памук, според неодамнешни податоци. Беше проценето дека вкупното ниво на механизација на одгледувањето и бербата на земјоделски култури ќе достигне повеќе од 90 отсто во 2024 година, со над 95-отстотна механизација за одгледување на главните култури – пченица, пченка и памук, според одделот за земјоделство и рурални работи на Шинџијанг.

На ова поле се истакнува компанијата „Боширан“ за производство на т.н. паметна земјоделска машинерија. Нејзината линија на производи опфаќа машинерија за обработка на памук, вклучувајќи комбајни, трактори и други возила. Компанијата се занимава и со директна продажба и сервисирање на машините, а воспостави и истражувачка станица со 64 патенти. Оттаму, покрај квалитетот, ја истакнуваат и економичноста на нивните трактори, на пример, за кои тврдат дека се седум пати поевтини од оние на американскиот производител „Џон Дир“.
Технолошките достигнувања го прават земјоделството во Шинџијанг поодржливо, со прецизно планирање, значително намалување на потрошувачката на вода и со зголемување на приносите на земјоделските култури. За осигурување на земјоделските култури се грижи водечкотo меѓународно претпријатие за земјоделска технологија „Шинџијанг Хонгтаи сид технолоџи компани“ (Xinjiang Hongtai Seed Technology Co.) во Куча, чие работење вклучува одгледување, производство и преработка на растителни сорти, модерни услуги за земјоделска технологија и за целиот синџир на производство на памук. Згора, се нагласува вклученоста на сите етнички заедници во регионот во земјоделските компании и процеси, односно во развојот на оваа дејност. А сите модерни практики, заедно со посветеноста и со желбата за понатамошно воведување иновации, гарантираат не само одржување туку веројатно и понатамошен подем на земјоделското производство во регионот.
