КАДЕТСКО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ЏУДО ВО СКОПЈЕ

Поголемиот дел од нашиот состав се млади и надежни кадети прва или втора година, кои допрва влегуваат во сериозниот и професионален дел од џудо-спортот, на кои ќе им требаат искуство и настапи од ваков ранг за да трасираат успешен пат во иднина, вели Дејан Мицкоски, спортскиот директор на ЏФМ

Со првите борби на татамите, кои ќе почнат денеска во девет часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, официјално ќе почне Европското првенство (ЕП) во џудо за кадети и ќе трае до недела. ЕП 2025 првпат се одржува во Македонија и е спортски настан од највисок ранг што досега воопшто бил организиран во џудо-спортот кај нас.
Борбите ќе се одвиваат во поединечна и во екипна конкуренција, со учество на 40 репрезентации од вкупно 51 земја членка на Европската џудо-унија (ЕЏУ). Ова е нова убава можност македонските љубители на спортот да уживаат во џудо-вештините на оваа категорија млади натпреварувачи и, секако, да ги бодрат македонските репрезентативци. Влезот во салата е бесплатен. Боите на македонската репрезентација ќе ги бранат 16 натпреварувачи, предводени од искусниот селектор Игор Паскоски и неговиот помошник Александар Фузевски.
– Стручниот тим при Македонската џудо-федерација е во координација и ги врши последните консултации пред денешниот почеток на Европското првенство за кадети во Скопје. Бројката за настап на учесниците е вкупно 16 по категорија, со цел да им се даде можност на повеќе наши спортисти од оваа возрасна категорија да настапат на едно вакво престижно првенство, да бидат во друштво со најдобрите европски џудисти и шампиони, што би претставувало еден дополнителен мотив понатаму за нашиот млад кадетски тим. Кога зборувам млад тим, морам да појаснам дека поголемиот дел од нашиот состав се млади и надежни кадети прва или втора година, кои допрва влегуваат во сериозниот и професионален дел од џудо-спортот, на кои ќе им требаат искуство и настапи од ваков ранг за да трасираат успешен пат во иднина. Всушност, нашата кадетска репрезентација годинава имаше промена на генерација, во која еден добар дел од поискусните кадети премина во возрасната категорија јуниори и сега со еден ваков подмладен состав влегуваме со нов елан за давање можност пред домашната спортска публика да се докажат на татамите и пред сѐ достојно да ги презентираат нашата држава и македонското џудо – вели Дејан Мицкоски, спортски директор на ЏФМ и стручно лице задолжено за целосна координација и помош на овој значаен спортски настан во Македонија.

Македонија и Македонската џудо-федерација (ЏФМ), на чело со претседателот Владимир Трпаноски, и порано се покажале како добар организатор на многубројни џудо-турнири, а најсвеж пример беше токму вториот по ред Европски јуниорски џудо-куп, „Скопје 2024“, кој се одржа исто така во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје во август лани, на кој беа пријавени натпреварувачи од 26 земји (163 во машка и 106 во женска конкуренција или вкупно 269). Тогаш Македонија ја претставуваа 19 џудисти (10 во машка и девет во женска конкуренција), предводени од селекторот Александар Фузевски. Европскиот јуниорски џудо-куп потоа беше дополнет и со тридневниот џудо-камп, исто така во Скопје. На Европскиот јуниорски џудо-куп, македонската репрезентативка Борјана Поп Атанасова (категорија до 78 кг) постигна огромен успех освојувајќи го бронзениот медал, што, секако, претставува голем успех за македонското џудо.

Свеченото отворање на годинашното ЕП е закажано за денеска во 15.30 часот, а финалните борби се од 16.30 часот. Претседателот на Европската џудо-федерација (ЕЏУ), Унгарецот Ласло Тот, и други видни членови на оваа федерација, според предвидениот план, вчера попладне требаше да пристигнат во Скопје. Г.И.