Во само три години кичевскиот мајстор казанџија Коста Галиманоски ја одржа третата самостојна изложба, со наслов „Ведрина во движење“. Последниот кичевски казанџија пред многубројните присутни претстави околу 30 дела изработени претежно од железо, но и од други метали. Тој овие дела ги изработил во последните дванаесетина месеци, а се резултат на неговата инвенција и креативност.
– Оваа изложба и овие дела се резултат на мојата безгранична креатура и инвенција, која на својствен начин ја вградив во секое од овие дела. Изложбата ја сочинува опус од триесетина дела, во кои се содржани „Шампион“, „Велосипед“, „Зачнување“, „Прослава“ и многу други. Вашето присуство ми дава мотив плус во текот на есента со нови експонати да ја подготвам и четвртата самостојна изложба. Овие дела и оваа изложба се уникат, кои во блиска иднина планирам да ги презентирам и во соседните градови. Сигурен сум дека овој вид творби за првпат се прикажуваат на една изложба во нашата земја. За изработените дела мотив ми дадоа и делови од одредени железни производи, кои на својствен начин ми ја одредуваат идејата што да создадам од дадениот материјал – нагласи пред многубројните посетители мајсторот Галиманоски. З.А.