Интересен потег на Иран непосредно пред ракетниот напад врз американската база во Катар, како чин на добра волја
Тројца ирански претставници запознаени со планот потврдија дека Иран ги информирал катарските власти однапред за ракетниот напад врз американската база Ал-Удеид, со цел да се избегнат жртви. Како што наведоа, Техеран сакал симболично да им се одмазди на Соединетите Американски Држави, но на начин што остава можност за деескалација.
– Тоа е истата стратегија како во 2020 година, кога Иран ги информира ирачките власти пред нападот врз американската база во Ирак, по атентатот врз генералот Касем Сулејмани – рекоа соговорниците запознаени со операцијата.
Во исто време, Обединетите Арапски Емирати му се придружија на Катар во затворањето на воздушниот простор. Според анализата на рутите на летовите и аудиоснимките од контролата на воздушниот сообраќај од веб-страницата за следење на воздушниот сообраќај Флајтрадар24, голем број авиони биле информирани да ја пренасочат својата рута.
– Многу авиони мораа да бидат вратени назад – објави страницата, истакнувајќи дека Катар и ОАЕ се клучни меѓународни воздушни центри.
Катар секако го осуди иранскиот напад врз базата Ал-Удеид (најголемата американска воена база на Блискиот Исток), велејќи дека тоа е „грубо кршење на суверенитетот на Катар, неговиот воздушен простор, меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации“.
– Катар го задржува правото да одговори директно и пропорционално на природата и обемот на оваа дрска агресија, во согласност со меѓународното право – изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар, Маџед ал Ансари. Р.С.