Примирје меѓу Иран и Израел
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека е договорено 12-часовно примирје меѓу Израел и Иран, кое ќе започне за шест часа (вчера, околу 6 часот наутро).
Тој на социјалната мрежа Трут сошл напиша дека Израел и Иран целосно се согласиле дека ќе има целосно примирје во траење од 12 часа, кога војната ќе се смета за завршена.
Како што напиша тој, Иран ќе започне со примирје од 12 часа, а по 24 часа светот ќе го поздрави официјалниот крај на 12-дневната војна.
– Честитки до сите! Израел и Иран целосно се согласија дека ќе има целосен и тотален прекин на огнот во траење од 12 часа, кога војната ќе се смета за завршена! По 24 часа, светот ќе го дочека официјалниот крај на 12-дневната војна. Под претпоставка дека сè ќе се одвива како што треба, што и ќе се случи, би сакал да им честитам на двете земји, Израел и Иран, за нивната издржливост, храброст и интелигенција да го завршат она што треба да се нарече „дванаесетдневна војна“. Ова е војна што можеше да трае со години и да го уништи целиот Блиски Исток, но не се случи и никогаш нема да се случи! Бог да го благослови Израел, Бог да го благослови Иран, Бог да го благослови светот – напиша Трамп.
Иранска државна телевизија: Примирјето започнува сега!
Иранската државна телевизија објави дека е во сила прекин на огнот меѓу Иран и Израел. Претходно, демонстрирајќи успешно медијаторство и менаџирање со конфликти, американскиот претседател Доналд Трамп објави (околу полноќ во понеделникот, по средноевропско време) дека е постигнат прекин на огнот и дека војната е завршена.
Се разбира, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи изјави дека „во оваа фаза нема договор за прекин на огнот“ и дека иранските вооружени сили „ќе продолжат да се борат до последен момент“, но тоа е во насока за да не се почувствуваат Иран и иранскиот народ дека подлегнале на сите барања на Израел или, пак, на медијаторот САД. На крајот иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи подвлече дека Иран е подготвен за прекин на огнот ако Израел „ја запре својата нелегална агресија против иранскиот народ најдоцна до 4 часот наутро по техеранско време“.
Непослушноста на Израел го налути претседателот на САД, но проблемот брзо беше решен
Вчера претседателот на САД упати јавни критики кон официјален Тел Авив за постапките на Израел, строго опоменувајќи го дека „Израел мора веднаш да ги прекине операциите“.
– Мораме да го смириме Израел, затоа што утрово отиде на мисија – рече Трамп, дури и додавајќи забелешка на своја сметка: – Морам да ги смирам – рече тој. Тој додаде дека „не му се допаднала“ непосредната реакција на Израел по постигнувањето на примирјето и конкретниот договор за тоа, во кој посредувал лично тој. Трамп најави дека повторно многу сериозно ќе интервенира лично.
– Штом ќе се оддалечам од вас, ќе се обидам да го спречам тоа – им се обрати тој директно на новинарите, додавајќи дека „тие не знаат што, по ѓаволите, прават“.
И иранските медиуми објавија дека Израел го нападнал градот Баболсар на северот од земјата. Иранската новинска агенција Тасним објави дека Иранската револуционерна гарда во вторникот изјавила дека „најновиот бран на ирански ракети против Израел бил лансиран неколку минути пред да се спроведе прекинот на огнот како одговор на смртоносните израелски напади“. Во соопштението се наведува дека вооружените сили на Иран ќе продолжат да ги следат „непријателските движења со отворени и будни очи“, но дека ќе се придржува на постигнатото примирје. Р.С.