Познат како Бисер на Ориентот, Париз на Истокот и Азиски Њујорк, Шангај е меѓу главните глобални финансиски, трговски и културни центри, што го прави особено привлечен за странски посетители. Но надлежните власти не се задоволуваат со сегашната популарност на градот, туку имаат план допрва да ја зголемат
Амбициозен план за зголемување на туристичката популарност на Шангај
Желбата да го посетам Шангај постоеше и пред доаѓањето во Кина, а постојано се зголемуваше во текот на првите три месеци поминати тука, додека слушав како оние што веќе биле таму опишуваат колку градот е убав, возбудлив, забавен, на тој начин потврдувајќи го моето размислување оти станува збор за дестинација што треба да се види при првата шанса, како што сторив. Нивните зборови во потполност ми станаа јасни додека гледав врз светлата на Шангај под моите нозе, стоејќи во приквечерните часови на проѕирниот стаклен под на познатата кула „Бисер на Истокот“, на височина од 263 метри. Спектакуларниот поглед дава можност да се увиди импресивноста на динамичната метропола што претставува спој на традиција и модернизација, во која се испреплетени источни и западни култури и која е исполнета со голем број туристички атракции и знаменитости.
Познат како Бисер на Ориентот, Париз на Истокот и Азиски Њујорк, Шангај е меѓу главните глобални финансиски, трговски и културни центри, што го прави особено привлечен за странски посетители. Но надлежните власти не се задоволуваат со сегашната популарност на градот, туку имаат амбициозен план допрва да ја зголемат.
Шангај никогаш не спие
Шангај никогаш не спие, гласи познатата изрека што се користи во Кина за да се опише енергичната атмосфера во градот. Таа не се менува ниту при дождливи услови, што го забележав во поголемиот дел за време на мојот престој од пет дена, кога сите главни туристички атракции беа исполнети со посетители. Кулата „Бисер на Истокот“, со височина од 351 метар (468 метри заедно со антената) и 15 набљудувачници, овозможува уникатен поглед врз градот, особено од таканаречениот „Кат за разгледување“, на височина од 263 метри, вклучувајќи ја и просторијата со проѕирен стаклен под. Покрај неа, за туристите е неизбежна посетата на Бундот, булевар во поранешната меѓународна концесија што изобилува со раскошни згради во европски стил и преку чии фотографии од облакодери покрај река најчесто е претставен Шангај. Познатата зграда Вуканг во поранешната француска концесија привлекува голем број посетители, кои прават фотографии пред неа, дури и на дождлив ден. Шангајскиот аквариум со еден од најдолгите тунели од овој вид во светот, од 168 метри, нуди впечатливо искуство додека риби и други животни од морскиот свет пливаат околу вас. Традиционалната кинеска архитектура е застапена во пешачката Шангајска стара улица, со градби во традиционални кинески архитектонски стилови, вклучувајќи ги оние од периодот на династијата Минг. Оваа област е особено впечатлива ноќе, кога е осветлена.
Скопје и Македонија на одреден начин се застапени во Шангај во ресторанот „Југо грил“, односно преку интересниот декор со мотиви од сите републики од поранешна Југославија, како и со традиционалната храна од нашите простори, што привлекуваат голем број луѓе од овие простори. Конкретно, во ресторанот се поставени табли со имињата на главните градови на сите шест републики на СФР Југославија.
Позиционирање како главна порта за влезен туризам
Планот што општинските власти го објавија во февруари има цел да го позиционира Шангај како главна порта за влезен туризам во Кина. Станува збор за тригодишен акциски план што се протега од 2025 до 2027 година, а предвидува развивање на неколку туристички знаменитости од светска класа, како и етаблирање на Шангај во водечко глобално пристаниште за крстосувања. А по успехот на тематскиот забавен парк „Шангај Дизни ресорт“, во план е отворање уште на неколку слични тематски забавни паркови. „Леголенд Шангај ресорт“ се подготвува за летно отворање, додека американската компанија „Ворнер Брос“ во Шангај треба да почне студиска турнеја посветена на книжевниот лик Хари Потер во 2027 година.
Главен фокус на планот претставува и интеграцијата на културните елементи со туристичката понуда, истакнувајќи ги туристичките места што ги прикажуваат историјата на Комунистичката партија на Кина и историските згради и населби, како и карактеристичното културно искуство на градот.
Користењето на модерната технологија исто така игра клучна улога во стратегијата за привлекување посетители. Шангај имплементира вештачка интелигенција за да создаде паметни туристички услуги, овозможувајќи им на посетителите да го истражуваат градот преку дигитални платформи. Паметните музеи, уметнички галерии и библиотеки ќе ја искористат технологијата за подобрување на искуствата на посетителите.
Имплементацијата на планот ќе биде проследена со подобрувања во инфраструктурата, вклучувајќи ги транспортните мрежи, паркинг-објектите и повеќејазичната сигнализација. Се разгледуваат и можностите за подобрување на безбедносните механизми во градот и заштита на правата на туристите.
Соборување рекорди во областа на туризмот
Шангај минатата година остварил рекордни приходи од туризам, кои изнесуваат 80,3 милијарди долари, притоа бележејќи 390 милиони домашни туристички посети и над 6,7 милиони влезни туристички посети, според податоците на надлежните. Бројот на странски посетители достигнал 4,56 милиони во 2024 година, што е двојно повеќе од претходната година. А општинскиот завод за статистика во Шангај неодамна соопшти дека градот во април примил 670.900 странски туристи, што претставува зголемување од 40,5 проценти во однос на истиот период минатата година.
Згора, аеродромите во Шангај опслужија рекорден број патници од јануари до мај годинава, односно речиси 17 милиони во петте месеци, што е зголемување за над 20 отсто во однос на претходната година.
Се смета дека зголемувањето на бројот на туристи во Шангај се должи на проширената политика на Кина за безвизен пристап, како и поради одредени непосредни даночни олеснувања за посетителите од надвор. Кина дозволува безвизен транзит од десет дена за патници од 54 земји, а има еднострана политика на безвизен режим за граѓаните на 47 земји, дозволувајќи им да останат до 30 дена во државата.
Милко Живковиќ, наш известувач од Пекинг