ПО ТРИУМФОТ НА ТРКА ВО ФРАНЦИЈА
Погачар сега има 99 победи, најмногу меѓу активните велосипедисти
Словенецот Тадеј Погачар ја обезбеди својата прва титула на велосипедската трка „Критериум на Дофин“ во Франција откако беше трет во последната етапа. За актуелниот победник на Тур де Франс и друмски светски шампион тоа беше 99-та професионална победа во етапи, трки и во водство во генералниот пласман, најмногу меѓу активните велосипедисти, пишува „Би-би-си“. Погачар стана третиот актуелен светски шампион што победил на оваа трка, по Французите Луисон Бобе и Бернар Ино, кои славеа во 1955 односно во 1981 година. Н.М.
ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Ливерпул дома ја почнува одбраната на титулата
Шампионот Ливерпул ќе го пречека Борнмут во првото коло во сезоната 2025/2026 во англиската фудбалска Премиер-лига, а Манчестер јунајтед ќе игра со Арсенал, дома, објави „Би-би-си“. Другите двојки од првото коло се Астон вила – Њукасл, Брајтон – Фулам, Нотингем форест – Брентфорд, Сандерленд – Вест хем, Тотенхем – Барнли, Вулверхемптон – Манчестер сити, Челси – Кристал палас и Лидс – Евертон.
Според распоредот за новата сезона, Манчестер јунајтед, на пример, во првите пет кола ќе игра со три од најдобрите четири тима од минатата сезона (Арсенал, Манчестер сити и Челси, како и со Фулам и со Барнли), Арсенал ќе се сретне со шампионите од претходните четири години, Ливерпул и Манчестер сити (како и со Манчестер јунајтед, Нотингем форест и со Лидс), пишува „Би-би-си“. Н.М.
ФУДБАЛ
Следува разврската за медали на младинското ЕП
Данска-Франција е првата четвртфинална двојка на Европското првенство (ЕП) за фудбалери до 21 година, по некомплетното трето коло на шампионатот што се игра во Словачка. Групната фаза беше комплетирана синоќа, по која ривалите во четврт-финалето на програмата викендов требаше да ги добијат и Шпанија (ќе игра со Германија, Англија или со Словенија), Португалија (Украина, Холандија или Финска) и Италија (Германија или Англија). Во оваа категорија најтрофејни се Шпанија и Италија со по пет титули, а актуелен шампион е Англија. Н.М.
ХОКЕЈ НА МРАЗ
Флорида ја одбрани титулата во НХЛ-лигата
Хокеарите на Флорида вторпат во низа го освоија Стенли-купот, откако ја победија во шестиот натпревар екипата на Едмонтон со 5-1 и со вкупно 4-2 во победи ја добија финалната серија во американската НХЛ-лига. Во реприза од минатогодишното финале, Флорида стана првиот тим што ја одбрани титулата по Тампа беј во 2021 година. Ова е трет последователен настап на Флорида во финалето (во 2022 година загуби од Вегас голден најтс).
– Стенли-купот е најзначаен трофеј во спортот и најтежок за освојување. И иако можеби е тешко да се победи еднаш, да се победи двапати во низа е речиси невозможно – рече комесарот на НХЛ-лигата, Гари Бетман, на церемонијата на доделување на трофејот, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Едмонтон има пет титули, а шестата ја чека уште од 1990 година. Канаѓанецот Сем Рајнхарт (29) го обележи шестиот финален натпревар сезонава со четири гола. Сем Бенет, кој постигна 15 гола во плејофот, го освои трофејот „Кон Смит“ како најкорисен играч (МВП) во плејофот. Канада ја чека титулата во НХЛ-лигата од 1993 година, кога ја освои Монтреал. Г.И.