Фото: Пиксабеј

Македонско-унгарските односи дополнително се продлабочуваат

Договор за стратешка соработка помеѓу македонската и унгарската влада потпишаа вчера во Скопје министрите за надворешни работи на обете земји, Тимчо Муцунски и неговиот унгарски колега Петер Сијарто.

Фокусот беше ставен и на перспективите и предизвиците на процесот на европска интеграција на Македонија, како и на поддршката за овој процес што ја добива земјава од унгарска страна, имајќи го предвид и неодамна потпишаниот Акциски план за споделување знаење во однос на ЕУ-пристапувањето меѓу министерствата за надворешни работи и надворешна трговија и министерствата за европски прашања на двете земји.

На средбата, исто така, стана збор и за сојузништвото и одличната соработка во рамките на НАТО, која е насочена кон справување со актуелните безбедносни предизвици и зачувување на европската и трансатлантската стабилност.
Во рамките на посетата, министерот Сијарто и министерката за образование и наука Весна Јаневска потпишаа меморандум за разбирање меѓу Министерството за образование и наука на Република Македонија и Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија за соработка во рамките на програмата „Стипендиум унгарикум“ за годините 2026–2028.

Стратешкиот договор за меѓувладина соработка следува по неодамнешното потпишување сличен договор со Велика Британија. С.Т.