ФИДЕ-Мајсторот (ФМ) Љубомир Илиќ (2.058 рејтин-поени, рангран втор пред почетокот), победи на ветеранскиот турнир во брз шах „Еснаф 2“, кој во конкуренција на 19 играчи (двајца ФМ), се одржа во Скопје, во организација на ШК на ветерани Скопје 72.
По девет одиграни кола со темпо од пет минути плус три секунди за секој одигран потег по играч, почнувајќи од првиот, искусниот Илиќ освои 7,5 поени (седум победи, едно реми и еден пораз). Второто место му припадна на Вело Марковски (1.927, рангиран шести) со шест поени, колку што имаше и прворангираниот, ФМ Јани Богоевски (2.170), но поради послаб дополнителен критериум е трет. Турнирот се рејтингуваше и се играше по правилата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), а судија беше ФМ Љубомир Хаџи-Манев.

– Заслужена, рутинска победа на Илиќ. Можеше да не биде по овој редослед, доколку среќата не го напуштеше Марковски, кој претрпе пораз од послабо рангираниот Иле Кромов во последното коло. Но, ова се такви тунири со брзо темпо, каде е нормално да има вакви изненадувања. Турнирот беше одлично организиран, но овој пат не толку масовен како претходните, можеби поради празниците, но сепак силен. На овие турнири на ветераните, дружењето е сепак примарно, но секако важно е и да се победува. Ветераните на ШКВ Скопје 72 до сепрември се на летен распуст, а се гледаме во септември на турнирот во забрзан шах – ни изјави претседателот на клубот-организатор, Илија Стошевски.
Г.И.