Фото: Принтскрин/Гугл мапс

Руската армија денеска соопшти дека првпат по повеќе од три години војна започнала офанзива во украинската Днепропетровска област, која граничи со Донецк.

– Единиците на 90. оклопна дивизија стигнаа до западната граница на Донецката Народна Република и ја продолжуваат офанзивата во Днепропетровска област –  соопшти руската војска на Телеграм, користејќи го терминот што Москва го употребува за анектираниот регион.

Москва тврди и дека го зазела селото Зарје во Донецк.

Овој пробив се смета за симболичен, но и стратешки удар врз украинската одбрана, која се соочува со сериозен недостиг на војници и оружје.

Пред руската инвазија во февруари 2022 година, во Днепропетровска живееле околу три милиони луѓе, од кои еден милион во главниот град Днипро – редовна цел на руски ракетни и дрон-напади.

Многу бегалци од Донецк и Луганск се населија токму таму по првичните борби.

Ова напредување би можело да има влијание и врз тековните дипломатски обиди за решение, во кои Вашингтон игра клучна улога.