Фото: „Нова Македонија“

И на ЕП 2028 ќе играат 24 репрезентации, 20 ќе се пласираат преку квалификациите, најмногу две места се резервирани за двете најдобри меѓу четирите домаќини што не се пласирале директно, а другите места ќе бидат пополнети со плејофот, со учество и на четири или осум селекции од Лигата на нациите

ФУДБАЛ – УЕФА ОДРЕДИ КАКО ЌЕ СЕ ИГРААТ КВАЛИФИКАЦИИТЕ

Извршниот комитет на Европската фудбалска унија (УЕФА) го одреди квалификацискиот систем за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2028 година, кое треба да се игра во Англија, Република Ирска, Шкотска и во Велс. На ЕП 2028 ќе играат 24 репрезентации, како и на претходните три континентални првенства (во 2016, 2021 и во 2024 година), а Европската фудбалска унија реши во квалификациите да има 12 групи со по четири или пет селекции, а ќе играат и сите четири домаќини на ЕП 2028, извлечени во различни групи.
Според одлуката, 12-те победници на групите и осумте најдобри меѓу второпласираните репрезентации (вкупно 20) ќе се пласираат директно на ЕП 2028. Две места на европскиот шампионат ќе бидат резервирани за двете најдоброрангирани репрезентации меѓу домаќините што не се пласирале директно низ квалификациите, пишува УЕФА.
Другите места ќе бидат пополнети преку плејофот помеѓу преостанатите четири второпласирани репрезентации во квалификациските групи и најдоброрангираните победници на групи во Лигата на нациите во сезоната 2026/2027, кои не се пласирале на ЕП 2028 преку квалификациите.
Во зависност од бројот на местата што ќе ги искористат земјите домаќини на шампионатот, бројот на местата на финалниот турнир за кој ќе се решава со плејофот може да варира помеѓу две и четири места, објави Европската фудбалска унија.
Тоа ќе биде во три случаи, и тоа ако се искористени двете резервирани квалификациски места за домаќините во плејофот ќе играат осум селекции во две патеки за две места на Европското првенство, потоа, ако е искористено едно резервирано место за домаќините, во доигрувањето ќе настапат 12 репрезентации во три патеки за три места на финалниот турнир (во двата случаја со полуфиналиња и финалиња во еден натпревар), како и во случај да не се пополнети резервираните квалификациски места за домаќините, кога во баражот ќе учествуваат осум селекции, во четири плејоф-натпревари, дома и на гости, при што победниците ќе се пласираат на континенталното првенство. Правилата на турнирот со сите преостанати детали ќе бидат објавени подоцна, пишува УЕФА.
За следниот циклус, поврзан со Европското првенство во 2028 година, ќе бидат распределени 240 милиони евра во согласност со меморандумот за разбирање помеѓу УЕФА и Европската клупска асоцијација (ЕЦА), а дополнително остануваат достапни седум милиони евра за дистрибуција од претходниот циклус на клупски бенефиции, објави Европската фудбалска унија. Предложениот механизам за дистрибуција е во два дела, првиот од 104 милиони евра ќе ги покрие двете изданија на Лигата на нациите во сезоните 2024/2025 и 2026/2027 и европските квалификации 2026-2028, а вториот од 140 милиони евра е резервиран за клубовите што ги ќе пуштат играчите да настапат на Европското првенство во 2028 година. Целосните детали ќе бидат објавени во скоро време. Н.М.