Фото: РК Алкалоид

Алкалоид на гости го победи АЕК со 29-25 пред реваншот в недела во Скопје

РАКОМЕТ – ЕВРОПСКИ КУП, ФИНАЛЕ

Македонскиот ракометен суперлигаш Алкалоид е на чекор до освојувањето на пехарот во Европскиот куп, откако во првиот натпревар на финалето победи со четири гола предност на гости кај грчкиот претставник АЕК во Атина со 29-25 (16-14). Возвратниот дуел во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“, е в недела (од 20.30 часот). Билетите за реваншот се пуштени во продажба преку продажната мрежа на „МКтикетс“, по цена од 200 и 300 денари, објави клубот.
Во преполната арена пред 7.900 бучни навивачи, Алкалоид предводен од тренерот Кирил Лазаров одолеа на сите притисоци од публиката и заслужено триумфира. Алкалоид ја заврши својата сезона непоразен во првите натпревари на гостински терен, со вкупно две победи и едно реми, а АЕК првпат сезонава е поразен на домашен терен, откако славеше на претходните четири, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Најефикасен играч кај Алкалоид беше десниот бек Мартин Серафимов со шест гола, еден помалку постигна левиот бек Франциско да Силва. Серафимов сега го зголеми својот број на голови на 68 и има девет помалку од најдобриот стрелец во ова натпреварување Диано Нерис Ческо (РК Извиѓач). Од голманите, Иван Галевски одбрани пет седмерци и три шута од игра, а Марко Кизиќ беше успешен 10 пати. Кај Грците, кои имаат 15 интернационалци во составот, левиот бек Фредерик Гараин постигна шест гола.
– Одигравме тежок натпревар против екипа со голема традиција и искуство. Ништо не е готово, иако можеби изгледа дека четири гола се солидна позитива. АЕК има квалитетни играчи, но и ние имаме свои адути. Не паднавме на притисоците, бевме мудри иако не беше воопшто лесно. Голманите беа на одлично ниво, но и сите придонесоа за резултатот да биде ваков. Четири разлика е огромна предност, но имавме 18 одбрани од голманите. Секоја чест до играчите. Максимално сериозно ќе одиме и во реваншот. Се надевам дека и во Скопје повторно ќе бидеме поуспешни, но нема да биде воопшто лесно – рече Лазаров.
АЕК имаше ефикасност во шутирањето од 49 отсто (од линијата за седум метри постигна еден гол од шест шута). Алкалоид реализира 66 отсто од своите шутеви (има просек сезонава од 72,5 отсто), пишува Европската ракометна федерација.
– Не го одигравме добро натпреварот. Промашивме пет пенали, чисти ситуации. Мора да научиме од грешките на овој дуел пред реваншот – изјави тренерот на АЕК, Французинот Фредерик Божан, за тамошните медиуми. Г.И.