Фото: Пиксабеј

Животни

Често мислиме дека, како членови на човечкиот вид, сме најпаметни и најуникатни, но колку повеќе го истражуваме однесувањето на другите животни, сфаќаме дека не сме единствени. Неодамнешна студија покажа дека шимпанзата се чистат по дефекацијата бришејќи се со лисја, исто како што луѓето користат тоалетна хартија. Уште поинтересно е што овие примати се средуваат и по сексуалниот однос, при што користат лисја за да ги избришат гениталиите.
Студијата, спроведена во шумата Будонго во Уганда врз две заедници источни шимпанза, ги анализирала хигиенските навики што ги користат овие примати по дефекацијата и сексот, како и методите што ги користат за да си обезбедат медицинска помош себеси и на другите единки. Покрај извештаите за хигиенско однесување по дефекација и сексуален однос, научниците исто така објавија широк спектар на начини на кои шимпанзата ги лекуваат своите повреди. Повредите се чести во животот на овие мајмуни и се јавуваат при борби или кога паѓаат во стапици поставени од ловци. Научниците откриле дека повредените шимпанза ги лекуваат раните со притисок за да го запрат крвавењето, со лижење на раните, со удирање по нив со лисја и триење со изџвакана растителна материја. Некои од растенијата што шимпанзата ги користат за лекување рани имаат лековити својства и се користат во традиционалната медицина. Болните шимпанза јадат одредени лековити растенија и веројатно знаат како да го изберат растението што ги лекува нивните повреди. Овие мајмуни не само што се способни да си помогнат сами туку ги лекуваат и раните на други мајмуни со лижење и притискање на повредите. Ова „просоцијално“ однесување е забележано и кога станува збор за хигиената, при што едно шимпанзо е видено како ги брише гениталиите на својот партнер по сексуален однос.